Тимберлејк и Џеј Зи наплаќаат повеќе од 200 долари за влезница на "Legends of Summer" турнејата. Концертите на Ред Хот Чили Пеперс чинат 150 долари. Стонси кои во 80-те беа првите кои ја пробија границата од 20 долари, најголемиот дел од своите влезници за летната турнеја ги продаваат за 650 долари. Запрашан за високата цена и дека некој нема да може да плати толку скапа карта, Џегер одговори: "Ако навистина не можат да си ја дозволат влезницата, тоа е тажно. Навистина ми е жал за тоа." Дури и херојот на работничката класа, Брус Спрингстин, наплаќа меѓу 120 и 200 долари.
Економистот од Принстон, Алан Кругер, кој ја истражува оваа индустрија, проценува дека големите имиња, земаат меѓу 70 и 90 проценти од парите за влезницата.
Новинарите Дин Будник и Џош Барон, во книгата Ticket Masters: The Rise of The Concert Industry and How the Public Got Scalped, пишуваат дека разликата меѓу влезница од 75 долари и 150 долари, се сведува на тоа колку пари бендовите сакаат да однесат дома.
При вакво расположение на бендовите, Кид Рок реши дека сака да свири за публика, и дека за годинешната турнеја (на која учествуваат и ZZ Top) влезниците нема да бидат поскапи од 20 долари.
"Спортистите и музичарите прават астрономски суми на пари. Нели би требало ние да почнеме помалку да заработуваме и да оставиме пари за другите? Мислете на пожарникарите, учителите и полицајците," изјавил Кид Рок за Ролинг Стоун магазинот. "Сите ние сме толку преплатени што тоа не е нормално. Луѓето престанаа да одат на концерти бидејќи не можат да си ги дозволат. Стонси наплаќаат по 650 долари за влезница. Тоа ме остава без зборови."
Во разговор со Пирс Морган, Кид Рок ги нападна и "самопрогласените легенди," Џастин Тимберлејк и Џеј Зи, чии влезници ги нарече "грабеж" и "ѓубре."
Крис Рок прв пат ги изненади фановите пред две години, кога ги прекрши стандардите на индустријата за наплаќање по 40 долари за маички купени на концерти. Наместо тоа, тој ја симна цената на 20 долари, и успеа да продаде два пати повеќе отколку на претходната турнеја.
"Егото на Стонси, Џеј Зи и ЈуТу нема да биде повредено со потегот на Кид Рок, бидејќи тие редовно ги распродаваат концертите. Меѓутоа нивните настапи сепак би можеле да добијат нешто ако станат финансиски достапни за студенти или работници, кои би биле поблагодарна и поентузијастичка публика," пишува новинарот на Атлантик. "Ова исто така треба да ги натера фановите да се прашаат дали треба да ги поддржуваат бендовите кои пеат дека се грижат за своите, ама се однесуваат како повеќе да се заинтересирани за да се погрижат за себе."