Дали некој ќе реши да одвои неколку стотини долари за наочари на Шанел, или можеби ќе одбере Долче и Габана, Бурбери, Булгари, Армани, Прада, Миу Миу или пак можеби Ралф Лорен, во секој случај ќе носи нешто излезено од Луксотика, италијанска компанија која држи лавовски дел од светскиот пазар на очила.
ЦЕО-то на Луксотика проценува дека во овој момент околу 500 милиони луѓе носат очила произведени кај нив, иако огромен дел од нив не ни слушнале за оваа фирма од малото италијанско место Агордо.
Во децениите во кои Луксотика суверено владее со светскиот пазар, очилата доживеаја неверојатно културолошка ребрендирање. Од медицински помагала за очи кои човек ги носеше само ако апсолутно мораше, тие се претворија во престижни модни додатоци кои можат да бидат поскапи од Ајпад.
Иако ги произведуваат најлуксузните очила за гореспоменатите брендови, главните пари од милијардите кои ги прави Луксотика доаѓаат од два нивни бренда.
А тоа нè враќа во 90-тите години, кога главната битка на пазарот се одвиваше меѓу Рејбан и Оукли.
Легендарниот Рејбан почна помалку да издишува бидејќи нивниот конкурент успеа подобро да се позиционира меѓу младите. Тука влегува Луксотика која во 1999-та го купува Рејбан за 640 милиони долари. Ја повлекува сета стока од пазарот и решава комплетно да го реновира брендот. За релативно кратко време, од многу достапна цвикера која за неколку десетици долари можеше да се купи по бензиски станици, Рејбан станува скапа и есклузивна марка со слоган "Never Hide", толку спротивен од главниот модел на газдите кои никогап не сакале публицитет. Денес луѓето и натаму веруваат дека со Рејбан купуваат автентично парче американска култура.
На ред доаѓа Оукли. Огромниот дел од силата на Луксотика доаѓа од фактот што не се само производувачи туку истовремено ги држат и најголемите продажни мрежи. Во еден момент Луксотика и Оукли се конфронтираат околу цената, Оукли мора да излезе од дуќаните на Луксотика по што акциите драстично им паѓаат. Битката завршува така што Луксотика го купува Оукли во 2007-ма. За нив парите не се проблем па за ова заокружување на пазарната доминација одвојуваат 2,1 милијарда долари.
Луксотика има околу 7.000 продажни места, од САД, преку Канада, Кина, Јужна Африка, Велика Британија па се со Саудиска Арабија. На американска почва, нивни единствени конкуренти со рафтови за очила се Волмарт и Костко.
"Маст воч" за оваа приказна е прилогот на Лесли Стал за емисијата "60 минути" на Си Би Ес.