Во оставката тој признава дека било „погрешно“ што не ја пријавил својата врска како што тоа го предвидуваат правилата на телевизијата.
Врската е јавно објавена само заради истрагата која била започната за однесувањето на водителот на Си-ен-ен, Крис Куомо, кој беше отпуштен од телевизијата заради учество во кампањата за спасување на својот брат Ендру Куомо.
Иако Закер не наведува име во оставката, наводно колешката е Алисон Голуст, потпретседателка на мрежата и директорка за маркетинг.
Откако беше отпуштен, Крис Куомо во борбата за добивање на оштетата од 18 милиони долари од Си-ен-ен и претходно алармираше дека Закер има долгогодишна врска со Голуст.
За време на истрагата за Куомо, Закер бил прашан околу консензуалната врска со неговата колешка со која работел повеќе од две децении, а со која е во врска изминативе неколку години. Закер од 2019 е разведен од неговата прва сопруга Кери Нејтенсон, со која има 4 деца.
Коментарот на Голуст, прочитан од еден од водителите на Си-ен-ен, е дека за ова е крив ковид, бидејќи тие биле блиски соработници повеќе од 20 години „а неодамна, за време на ковид пандемијата, нашата врска се промени. Жал ми е што порано не го објавивме тоа.“
Наводно Закер и Голуст со своите семејства живееле во иста зграда во Њујорк, се до разводот на Закер кога го продава станот. Информациите од Си-ен-ен се дека низ годините двајцата секогаш биле лепенка со канцелариите, „и никој не верува дека ова се случило за време на пандемијата.“
Голуст е директорка и во Ен-би-си Универзал, во времето кога Закер е ЦЕО на мрежата.
Таа во 2012 е именувана за директор за комуникации на Ендру Куомо, а следната година се приклучува на Си-ен-ен. Истата година и Закер преминува во Си-ен-ен.
Триаголникот Ендру, Голуст, Закер се толкува како една од причините зошто Крис Куомо толку години успева да се задржи во Си-ен-ен и покрај бројните прекршувања на етичкиот код што се пријавени против него.
Откако беше објавена врската, сега адвокатите на Крис Куомо бараат да се зачува целата комуникација меѓу Голуст и Закер, која според нив ќе докаже дека Закер бил тој што го поттикнувал Ендру да се појави во емисија кај Крис. Ова гостување Закер го користеше како пример за судир на интереси и основа по која телевизијата не треба да го исплати остатокот од договорот на Крис.