Пазарно новинарство

Една од слободите што ја имаат кинеските медиуми е да им наплаќаат на странските компании за добар публицитет. И тоа како ја користат.

Иако официјално ова не е дозволено, сепак кинеската верзија на Ескваер отворено нуди да направи профил за вас по цена од 20.000 долари за страна.

Во исто време за директорот на вашата компанија да се појави на вестите на Централната кинеска телевизија, ќе треба да платите 4.000 долари од минута, а текст во весникот Workers' Daily ќе ве чини 1 долар од карактер.

Освен директно "фактурирање," има и случаи како интервјуто со првиот човек на Моет Хенеси, објавено во Бизнис Хералд, пред кое на новинарите им било платен авионски пат, сместување и храна, за посетата на замокот на Моет Хенеси во Западна Кина.

Иако западните компании и кинеските новинари не сакаат да зборуваат за оваа пракса, маркетинг и ПиАр агенциите не се срамат премногу околу целата работа.

"Наша политика е да ги советуваме клиентите да не учествуваат во такви активности. Но во некои индустрии, како луксузната стока, праксата за 'подметнување вести' е многу честа и ние сме учествувале во тоа," објаснуваат од агенцијата Ogilvy & Mather.

 

5 април 2012 - 10:19