Адам Џонсон, автор на новата книга „Како да се продаде геноцид: Соучеството на медиумите во уништувањето на Газа“, истражил над 12.000 статии од Њујорк тајмс, Вашингтон пост, CNN, Politico, Axios, USA Today и Асошиејтед прес, како и 5.000 телевизиски сегменти емитувани на CNN и MSNBC. Заклучил дека медиумското известување на САД за војната против Газа било еднострано, расистичко, дехуманизирачко и честопати се претворало во директно поттикнување.
Фокусот бил на умерените левичарски медиуми, кои имаа влијание врз демократската администрација на Џо Бајден во првата година од конфликтот во Газа, со акцент на првите неколку месеци, кога Израел цврсто го воспостави својот наратив за оправдување на геноцидот, правејќи го масовното убивање „неизбежно“.
Џонсон издвојува седум статистички наоди што ја докажуваат пристрасноста на американските медиуми против Палестинците.
Правото на самоодбрана на Израел
Склоноста на медиумите кон повикување на „правото на самоодбрана“ на една нација, обично проследено со рационализација на масовните убиства на цивили, било резервирано речиси исклучиво за Израел. На CNN и MSNBC, гостите, водителите и новинарите го спомнале „правото на самоодбрана“ за Израел 94 пати повеќе отколку за Палестинците. Во печатените медиуми, на Израел му било дадено ова право над 100 пати почесто отколку на Палестинците во Газа.
Човечки штитови
Медиумите го користеле терминот „човечки штитови“ стотици пати за цивилите во близина на палестинските борци, имплицитно оправдувајќи ја нивната смрт во израелските напади. Од друга страна, анализата на телевизиските вести не покажа воопшто никакво споменување на употребата на „човечки штитови“ од страна на израелската војска - и покрај документираните случаи каде што тактиките на Израел ја исполнуваат таа дефиниција.

Зборови што поттикнуваат емоции
Кабелските мрежи и печатените медиуми постојано применуваат двоен стандард во корист на Израел кога ги користат термините „масакр“, „варварски“, „дивјачки“ и „колење“ за да го опишат убивањето цивили. Во првичниот период од 100 дена во кој беа убиени околу 24.000 Палестинци, употребата на овие емотивни зборови во печатените медиуми било целосно во корист на Израел.
Пејоративни квалификации
По израелското бомбардирање на болницата Ал-Ахли во Газа на 17 октомври, медиумите речиси едногласно ги усвоија пејоративните етикети „управувана од Хамас“ или „контролирана од Хамас“ при што го дискредитираа бројот на палестински жртви. Ниту CNN ниту MSNBC не го користеле терминот од 7 до 17 октомври, но употребата зачестила како што растел бројот на жртви во Газа. Употребата стана стандардна политика на CNN.
Сочувство за жртви: Газа наспроти Украина
Новинарите и децата што беа убиени во Газа – жртви кои вообичаено поттикнуваат сочувство кај публиката, добија малку медиумско внимание во текот на првите 100 дена од израелскиот напад, во споредба со децата и новинарите што беа убиени во војната во Украина.
Антисемитизам наспроти исламофобија
Иако во месеците по 7 октомври во поаст беа инцидентите со антисемитизам и исламофобија, известувањето речиси целосно се фокусираше на антисемитизмот, со малку или никакво почитување на антимуслиманскиот фанатизам или влијанието на масовните убиства во Газа врз Палестинците во САД. Ова беше особено точно на универзитетските кампуси, каде што студентите што протестираа против војната на Израел беа етикетирани како антисемити во мејнстрим печатот, додека муслиманските, арапските и палестинските студенти кои се соочија со дискриминација едвај добиваа некакво внимание.

Антисемитизам на Харвард наспроти убивање деца
Како потресен пример за дехуманизирање на Палестинците Адамс го издвојува третманот на медиумите кон поранешната претседателка на Харвард, Клодин Геј, во споредба со молкот за убиството на Хинд Раџаб. Недолго откако Геј поднесе оставка под притисок од Конгресот, израелската војска отвори оган врз автомобил во кој се возеше Раџаб и нејзиното семејство и го остави 5-годишното палестинско девојче да умре. Во еден месец по оставката на Геј, сторијата се појави 15 дена на насловните страници на Њујорк тајмс, а за Раџаб немало ниту еден таков пример еден месец по нејзината смрт.