Кабелџиите за 3,8 милијарди долари ги купија Шрек и компанија

Компанијата чиј основен бизнис е кабелски оператор, и веќе е сопственик на Енбиси Универзал, за 3,8 милијарди долари под свое го стави Дримворкс анимејшн, студиото зад Шрек, Мадагаскар и Кунг фу панда.

Пред четири месеци Комкаст објави дека планира да го купи Дримворкс анимејшн за 3,8 милијарди долари. Вчера објави дека договорот е готов по цената што ја најавиле. Во договорот не влегува Дримворкс пикчрс, сестринската компанија на Анимејшн.

За парите Комкаст ќе го добие веројатно вториот по моќност бренд во анимациите (по Пиксар), студио со врвен кадар, и веќе речиси готови проекти кои чекаат испорака. Цртаниот Тролови (базиран на куклите) ќе има премиера кон крајот на годината, а моментално се работи на нови продолженија од Крудс, Шрек и Како да го тренираш твојот змеј.

Дримворкс е формиран 1994, како соработка меѓу Спилберг, поранешниот претседател на Дизни студиос Џефри Катценберг, и музичкиот могул Дејвид Гефен. Целта беше да стане конкурент на холивудските студија како Ворнер брос и Парамаунт. Плановите во финансиска смисла не одат баш најдобро, па во 2004 анимацискиот одел на компанијата предводен од Катценберг се одделува и настанува Дримворкс анимејшн. Делумно инспирација за отцепувањето е и успехот што го имаат со првите два Шрек филмови.

И покрај почетните успеси, подоцна тие имаат неколку промашувања заради што губат сериозни пари. Ова минатата година доведе до отпуштање на околу 500 вработени од Дримворкс анимејшн, а слично преструктуирање имаше и во 2012. Иронично е што продажбата на студиото доаѓа во време кога тоа почнува да покажува спорадични знаци на живот, Како да го тренираш твојот змеј 2 им донесе над 620 милиони долари на светско ниво, а Кунг фу панда 3 стигна до 520 милиони долари.

23 август 2016 - 10:35