Отпуштањето на една третина од поставата, основачот на Базфид, Џона Перети, ја правда со „постигнување на долгорочна стабилност“ на медиумот, а по пат беше изгасено и канадското издание на Хафингтон, плус е најавено дека ќе се намали обемот на нивните редакции во Австралија и Британија.
Перети објаснил дека Хафингтон минатата година, додека се уште беше дел од Верајзон медиа, направил загуба од 20 милиони долари, и очекувањата биле дека и годинава ќе биде исто, а „иако Базфид е профитабилна компанија, не сме до толку профитабилни и немаме сила да издржиме уште две години загуби“.
Состанокот со целиот персонал бил виртуелен, а за да биде поголема тензија на сите им било соопштено дека тој/таа што нема да добие меил дента до 13 часот, останува на работа. Заедно со останатите си одат и извршната уредничка на Хафингтон и меѓународната извршна уредничка.
„Ова е масакр. Полошо е од најлошото сценарио што кој било од нас мислеше дека ќе се случи кога прв пат пред неколку часа ја добивме информацијата.
А згора на тоа е заебаниот начин на кој го објавија, ова е едноставно масакр на меѓународна редакција која е полна со апсолутно фантастични новинари кои не го заслужуваат ова.
Првичната реакција е дека не ми се верува колку не ни беше дадена шанса да покажеме што можеме да направиме за да и помогнеме на компанијата,“ изјавил еден вработените на Хафингтон за Дефектор.
Затоа што не било доволно понижувачки да добиеш отказ сред пандемија и по една година работење од дома, организаторите одлучиле дека е прикладно за пасворд за приклучување на состанокот да го стават „spr!ngisH3r3“ игранка со фразата „Spring is here“.
Дури и по кратењето на вработените, Хафингтон и понатаму ќе има поголема редакција од Базфид.