74% од американските вегани се жени. Шовинистичко објаснување би можело да гласи дека тоа е така затоа што жените не можат да престанат да зборуваат (за што и да е), а веганите се вид кој не може да престане да зборува за тоа како се они вегани. Од друга страна, мажите на оваа тема се покажуваат како нешто попаметни; ќутат и бутаат.
На малку посериозно ниво, битни линкови меѓу феминизмот и веганството се утврдени одамна.
„За некои феминистки, особено оние кои се идентификуваат како еко-феминистки, веганството е суштински поврзано со феминизмот“, вели социологот Дебра Коен. „Од оваа перспектива, угнетувањето на жената е поврзано со другите форми на угнетување.“
Дел од таа идеологија произлегува од маркантното дело на Керол Адамс од 1990-та година „Сексуалната политика на месото“ во кое нејадењето животински производи се смета за отпор кон патријархатот. Логиката на Адамс вели: за да јадеш месо, треба животното да го гледаш како објект, како нешто инфериорно, слично на тоа како што жените се објективизирани, сексуализирани, анимализирани, деградирани, повредувани и понекогаш убивани (добро, досега не и јадени).
Зошто 3 од 4 вегани се женски и зошто американските мажи јадат 57% повеќе месо од жените веројатно може да се објасни и со начинот на кој се рекламираат одредени производи, филмските стереотипи (мажот нарачува месо, жената салата), перцепцијата (мажите вегетаријанци за 35% се гледаат како помалку мажествени) и слично.
Но, кон феминистичката оправданост на веганството, Мелиса Кравиц во Алтернет сака да додаде уште еден елемент: дека повеќето животни кои биваат изедени се женки а оние ретки изедени мажјаци, пак, главно се кастрирани, тоест феминизирани.
„Поголемиот дел животни кои ги користиме за прехрамбени производи се фактички женски. Кравите и козите даваат млеко, кокошките несат јајца (додуша, младите машки пилиња брзо биваат убивани бидејќи се неупотребливи за несење). Телињата и младите крмаци се кастрираат рано за да не фатат пубертет па да им се расипе вкусот. А како што било гледано низ човечката историја, кастрацијата им ја одзема мажественоста на мажите, дури и ги феминизира во очите на кастраторот. Што значи дека такви, феминизирани животни, се полесни за експлоатација. Во прехрамбен систем кој е оддалечен од своите корени - многу малку Американци растат и колат свое месо - лесно се забораваат овие родови разлики во начинот на кој се користи женското“, ќе пише Кравиц.
Тоа ни беше муабетот. Ќе дојде ден кога во ресторан нема да можеш да нарачаш ни брокула. Пошто ќе ти дојде некој надобуден створ на маса и ќе ти се дере зошто не си нарачал брокул.