Ѓорѓе Матиќ е автор на книгата „Тајни врски“ составена од 11 есеи меѓусебно испреплетени со јунаци од популарната, но и од високата култура и политика на поранешна Југославија. Роден е во Загреб, последните децении живее во Холандија, пишува и преведува.
„Секогаш некому сум му преведувач. Ми се падна постојано да бидам меѓу две страни кои не се разбираат - јас ги разбирам и двете и ги посматрам нивните недоразбирања“.
Новости: Ги деконструирате идолите од времето на Југославија и тоа го правите без премногу жалење за нивните судбини. Пред сè мислиме на текстот за „светото тројство на југословенскиот рок“ - Бора Ѓорѓевиќ, Џони Штулиќ и Горан Бреговиќ, кои во книгата не ги именувате, но не оставате сомнеж за кого се работи. Сите тројца ги имате сретнато за време на својата емиграција во Холандија.
Онолкава каква што беше мојата момчешка, тинејџерска љубов кон нив, посветеноста на тој сон кој тие моќни автори го ветуваа или пак пред наши очи го создаваа, толку и будењето беше тешко. Беше невозможно да се оствари ветувањето кое тие тројца и сите други големи појави на тоа време го навестија во осумдесетите години. Во онаква состојба на деведесетите, а особено после тоа, се видоа вистинските размери на таа „неодживеана иднина“. Но, во описот на своите средби со тие големи личности, а средбите главно беа кратки, јас не попувам од височина и не морализирам. Пишувам емотивно, литературно ги обликувам случувањата и не се правам паметен. Своите лузни од тоа како работите испаднаа ги носам со горчлива гордост. Човекот се мери и по тоа колку некогаш бил во состојба да верува во нешто, а како што нè учи Андриќ во „Знаци крај патот“, не е срамота да се излажеш во некоја голема надеж. Подоцнежното паметување и потсмевот им го оставам на циниците, нив и онака ги има доволно кај нас. Притоа, сето тоа можеме и да го релативизираме: што е разочарувањето од неколкумина музичари во споредба со разочарувањето од тоа во што се претвори онаа земја?
Во што се претвори? Може ли преку нив тројца, кои на симболичко ниво навистина беа кралеви, да се чита и нашата пост-југословенска историја? Еден е во емиграции каде што живее некој друг живот и го издржува сопругата, другиот зајава на националистичкиот бран и не знае како од него да се симне а третиот се има фрлено на полнење на џебовите продавајќи им на странци рециклирани песни како дрангулии на панаѓур...
Дали некого го храни сопругата или не, потполно е споредно и спаѓа во таблоиди и кулоари. Битни се само трудовите, плочите, песните, стиховите и музиката на авторите а тие се до денес ненадминати а нешто ми вика дека такви и ќе останат. Не се согласувам ни дека овој другиов нешто „шитка“ - сè се тоа многу добри, досетливи, свежи аранжмани и е внимателно работени албуми. Дури и оној најприземниот од сите тројца автори не е така едноставен - големите автори никогаш не се. Тој во неколку прилики правеше необични и неочекувани гестови, на пример ја напиша една од најдобрите анти-воени песни за која речиси никој не знае бидејќи не ја пееше сам. Дополнително, тие се премногу силни индивидуи за да претставуваат колективитети. Напротив. Нивните судбини, со понекое допирање со општите места, се развиваа настрана од масите, како и кај сите натпросечно талентирани.
Интересно, многу повеќе разбирање покажувате за оние кои изведуваат народна музика отколку за рокерите. Заради и онака малите очекувања кон народњаците или има некоја друга причина?
Југословенскиот рокенрол е единствениот сегмент на таа популарна култура кој никогаш не се нарекуваше по национални одредници, туку по центри и градови - загрепски, белградски, сараевски, пулски, скопски, нишки бенд итн. Писателите, сликарите и композиторите секогаш беа хрватски или српски. Од тоа заедништво и неоптовареност очекувавме дека рокерите ќе бидат некој вид свест и совет во тешки времиња. Напротив, повеќе од нив се покажаа како бедни малограѓани и комформисти а оние кои нејќеа да одат во табори, реагираа смотано и незграпно.
Некои пак, отидоа целосно на „темната страна“ - потполно несфатливо е како музичкиот гениј Оливер Мандиќ стана она што стана. Несфатливо е и Јура Стублиќ, кој е многу поделикатен и посуптилен автор од Џони, онака да излизга. Мене ни Хоура не ми е јасен, што можеби покажува колку сум наивен. Од друга страна, народњаците кои отсекогаш беа ругани и од кои се очекуваше само лошо, се покажаа многу подораснати на ситуацијата. Од својата „ниска“ култура, тие изреагираа подобро и поболно дури и од нагласено урбаните автори. Песната на Џеј со текст на Марина Туцаковиќ „Успори мало, судбино сестро“, бојата и тонот на тој глас, во два потега ги доловуваат раните деведесети години многу посугестивно и помачно од која било рокерска песна. Да не зборуваме дека народњаците се луѓе „од терен“ и многумина се покажаа хумани кога најмногу требаше.
Во „Тајни врски“ пишувате и за Жељко Јоксимовиќ а со полна уста ја фалите Цесарица на Оливер Драгојевиќ и Џибони. Дали емиграцијата ви го смени музичкиот вкус или сега гледате многу подобро отколку во оние нежни времиња.
Во книгата пишувам не само за популарната музика туку и за џезот и класичната музика, стилови кои ги сакам и се занимавам со нив. Од тоа забележав дека колку подлабоко сум навлезен во овие два високи жанра, толку повеќе ја ценам и подобро слушам колку е голема и бескрајно важна народната музика, и автентичната и изворната но и онаа од најдобриот период на тн. новокомпонирана музика. Тие големи народни оркестри на Радио Телевизија Белград и Сараево свиреа фантастично, аранжманите се брилијантни а песните честопати исклучителни. Појавата каков што беше Тома Здравковиќ - единствениот вистински кантавтор - сè уште е едно неистражено чудо.
Функционира ли заеднички културен простор во овие држави?
Ма каков заеднички културен простор! Нема тоа, а со вакви културњаци и подобро да нема. Обичниот народ живее поблиску или поприсно, подиректно го користи тој „простор“ од овие елити и корумпирани помирувачи. Повеќе живот, стварност и култура има во телевизиската емисија „Никогаш не е доцна“ која ја прави добриот човек Жика Јакшиќ отколку во мнозинството такви „регионални“ книжевни фестивали, тркалезни маси и слични фаќања магла. Овдешните културњаци не се ни блиску до тоа. Таму каде што владее комформизам, слугинство, преслекување на капутите од деведесетите и пари од фондови, а пред сè фундаментално незнаење и непознавање на сопствената култура, на нејзината важност, такви култури не заслужуваат да се мрднат од своите мали и загушливи трла.