Индекс: Се појавија контроверзи поврзани со „„вашите коментари од почетокот на војната“. За што се работи?
Лајбах: Своите ставови за украинската војна во неколку наврати им ги објаснувавме и на регионалните и на светските медиуми; ако поедноставиме, проблемот е во тоа што сметаме дека во контекст на таа војна не се случува само агресија на Русија туку дека тој конфликт можеби е и дел од реализацијата на долгорочната стратегија која во својата книга „Големата шаховска табла: Американската доминација и нејзините геостратешки императиви“ од 1977 година ја опиша американскиот дипломат со полско потекло, Збигњев Бжежински.
Се работи за истиот човек кој ја иницираше војната во Авганистан каде со измама ја навлече руската војска во таа земја во 1979 година, додека истовремено спонзорираше сериозна војска на авганистански муџахедини. Основната идеја му беше да го нас'ска Советскиот сојуз да падне во замката на својот Виетнам, што воено и економски ќе го исцрпи и ќе доведе до негово слабеење или распад. Бжежински во тоа успеа и знаеме какви последици имаше тоа во целиот регион на Блискиот исток.
Се разбира, Украинците во овој момент не сакаат да слушнат за ништо друго освен дека се работи за чиста руска агресија. За нив, секое поинакво објаснување значи ширење на „анти-украинскиот наратив.“
Каде искрсна проблемот со организаторот?
Организаторот не баш дораснат на ситуацијата кога почнаа протестите околу нашиот концерт, кои се одвиваа главно на социјалните мрежи. Тој имаше три месеци да го провери и менаџира мислењето на јавноста за нас, пред да ја лансира веста за нашиот концерт. Само после 4 дена бунење по мрежите, реши да го откаже концертот, наводно заради безбедност. Во принцип, ние со него добро соработувавме но во суштина тој нè бутна во оваа ситуација па моравме да се правдаме и објаснуваме, иако нашата желба безусловно да ги поддржиме Украинците во нивната војна беше искрена.
Подоцна ги разјаснивте своите ставови, какви беа реакциите?
Кога на социјалните мрежи ќе започне ваква расправа, таа секогаш прераснува во агресија и никогаш не завршува поинаку освен во тотален хаос на навреди и нетрпеливост.
Организаторот тврди дека веќе не сметале на вас откако дел од промотивниот текст „сте го посветиле на руската книжевност“.
Веднаш штом промотерот го најави нашиот концерт, почнаа негативни реакции кои прво ја демантираа информацијата дека ова ќе биде прв концерт на странска група во Киев од почетокот на војната. Тоа и онака беше негово тврдење, ние само го проследивме до медиумите. Испадна дека во Украина веќе настапувале некои помали групи кои овој потполно го има изумено затоа што - по негов мислење- биле многу опскурни.
Но, како што кажавме, на мрежите бевме нападнати заради нашите изјави за можните пошироки причини за војната кои не беа во согласност со единствениот наратив кој украинската страна упорно го повторува.
Затоа организаторот на концертот нè замоли, односно побара од нас да составиме изјава во која јасно ќе кажеме дека безусловно ја поддржуваме украинската страна во борбата против руските окупатори. Тоа и го сторивме. Дури и го замоливме тој самиот да ја напише изјавата, после ние малку ја дотеравме и преведовме на малку подобар англиски, а додадовме и дека - иако апсолутно ја поддржуваме Украина во таа војна - сепак ги цениме руските уметници... Сметавме дека е етички тоа да го нагласиме.
За жал, и оваа изјава не ги смири страстите па концертот беше откажан. Нè извести дека главна причина за откажувањето е нашето инсистирање на тврдењето дека Русија е главниот агресор во оваа војна (а не единствен агресор), и буквално кажа: „За нас сега сè руско е отровно. Руската книжевност е зло, рускиот јазик е зло, сè што е руско предизвикува само омраза. Гледам дека не сте го знаеле тоа, но вашите изјави предизвикаа не мала огорченост“.
Во изјавата јасно ја осудивте руската инвазија, какви беа реакциите од Русија?
Не знаеме, не ги следевме.
Живееме во сè поисклучиви времиња и секој јасно изнесен став може да ве стави на „листа на непожелни.“ Колку е тешко да се создава и делува во такво опкружување?
Во секој случај е тешко бидејќи истовремено треба да се бориш и со исцрпувачката логика на доминацијата на капиталот. Но, токму во такви искривени времиња, уметноста најмногу придонесува за нормализација на животот кога таа е она што и по дефиниција треба да биде: провокативна, неодговорна и политички некоректна. Сè друго е лага. Затоа, ако некој на гости го вика Лајбах, Лајбах и ќе го добие.
Кое е вашето мислење за она што се нарекува кансел култура, односно култура на откажување?
Сè во врска со тоа е доста инспиративно. Уметноста не е само игра и забава, таа е и војна а во војна мора да се влезе подготвен и со сознание дека можете да бидете гадно поразени. Ама затоа победата, ако ја освоите, е послатка. Многу ни е забавно што тој феномен на културата на откажување се случува и на демократскиот и толерантен Запад, а не само во Северна Кореја, Иран или, на пример, Русија.
На Запад постојат софистицирани, но брутални начини да се онеспособи „проблематичен“ уметник. Сето тоа на уметност треба да ѝ даде само дополнителна смисла и потстрек.
Некои ќе кажат дека целата приказна околу тоа е малку преувеличена, дека никој вистински не е откажан туку дека денес некои не можат да се помират дека негативните реакции на нешто кажано/напишано се исти како порано, само што интернетот го сменил начинот на кој таа критика се манифестира. Се согласувате ли со тоа?
Не, не се согласуваме; во однос на минатиот век, вклучувајќи ги 80-тите и 90-тите, денес се наоѓаме во ера на силна информациска заситеност и преоптовареност, и во време на диктатура на социјалните мрежи и комуникациските играчки, а сето тоа води во ноќ на глува тишина и празнина, кадешто ниедна работа веќе нема, или наскоро нема да има, никаква смисла или содржина.
Одмаздата на политичката коректност ни забранува филмови и книги за Винету и Џемс Бонд, уште малку па и добриот војник Швејк ќе биде исфрлен од оптек заради шовинистички вицови.
Делувавте и во еден друг претходен систем кој исто така беше склон кон откажување и забрани. Какви се сличностите а какви разликите меѓу некогаш и сега?
Вистина, и тој систем беше склон кон забрани и укинување, но тогаш главно се знаеше зошто нешто се забранува или укинува. Денес системот само ќе те исплука како неподобен со помош на некој перфиден демократски дискурс, или пак ќе ти биде оневозможено да функционираш заради пазарот и неговите нетолерантни капиталистички механизми.
Во обата случаи се работи за потчинување на тоталитарна идеологија, со тоа што таа денес претендира да се претстави како демократска, толерантна и праведна.