"Дури и да знаев тогаш дека луѓето кои јадат големи количини обработено месо имаат поголема веројатност да умрат од срцево заболување и рак, и дека ова сирење не се распаѓа благодарејќи на додатоци кои можат да доведат до проблеми во бубрезите, и дека белиот леб има речиси нула хранлива вредност, и дека газираните пијалаци се одвратна каша, и дека Принглс не се квалификува за чипс од компир, веројатно немаше да ми биде криво. И онака имав премногу работи за кои треба да се секирам, ме чекаше школо и играње, а и допрва требаше да ми се развие стравот од смрт.
Ама сега кога сум возрасен кој очигледно нема ништо попаметно да прави отколку да се дави во светло од компјутерски монитори по 16 часа на ден, имам време на претек за да скролам низ статии решени да ме убедат дека храната ме убива.
Како и сите други, му верувам на секој збор во овие статии. И кога погледот ќе ми стигне до петтиот параграф, кој неизбежно цитира универзитетски професор што ја спровел последната студија што треба да влие страв, климнувам со главата потврдувајќи си во себе дека цело време го знаев тоа, и дека цело време имам чувство дека ова месо, или тој зеленчук, само го забрзува моето заминување.
Што само по себе е чудно, затоа што во исто време верувам и дека храната ме одржува во живот.
Сите ќе умреме. И сите јадеме храна. Заради тоа, храната мора да е злосторникот.
Изгледа ова е апсурдниот заклучок под површината на мноштвото статии за здравје, храна и наука," пишува Џим Виндолф во текстот за Њујорк Тајмс.
Виндолф објаснува дека веќе имаме и список на тема храна и здравје, кој наизуст можеме да рецитираме:
- прво, месото е штетно по здравје (мозочен удар, рак...), на пилешкото му открија отрови, дури и мали количини свинско ако не се доволно зготвени може да те заразат со опаки болести.
- втора е рибата, која за разлика од црвеното месо е здрава, ама некои од нејзините највкусни варијанти (туна) можат да содржат жива. На прв поглед, тоа и не е така страшно затоа што на располагање имаме ракови, школки, јастог, ама дел од експертите тврдат дека овој дел од менито додека е жив има тенденција да впива токсини, вируси и бактерии заради што може да се штетни за луѓето.
- трети се овошјето и зеленчукот. Тие што се комерцијално одгледувани може да содржат пестициди кои се поврзуваат со хиперактивност. Тие пак што се органски одгледувани, според студија од Станфорд речиси и да немаат никакви здравствени бенефити за оние што се на органска исхрана. Дополнително, кај оваа група има и еколошка грижа на совест заради потрошувачката на природни ресурси во нивното одгледување.
- четврта е водата, за која до сега беше фикс правилото за пиење 8 чаши на ден, за од неодамна да излезе дека тоа нема врска, и дека премногу вода ќе те убие.
"Вакви приказни остануваат запаметени заради нивната иронија: самите работи кои не' снабдуваат за да се одржиме, по нивна логика, се истите работи кои ни се настрвени да ни наштетат," пишува Виндолф.
Тој дава неколку актуелни и одвратни замени за сета штетна храна што се обидува да не' убие. Првата варијанта се бумбари, стоногалки, скакулци и другите бубачки, кои О.Н. ги предлагаат во нивниот обемен извештај. Според неговите автори треба да ја надминеме нашата одбивност кон ентомофагија (консумирање на инсекти), ако сакаме да преживееме на пренаселена планета уништена од климатски промени.
Втората опција е "уште еден вид храна кој сега се смета за помалку проблематичен од, да речеме, месото, е земја. Вистинска земја." Тоа што некогаш беше основа за дијагноза, денес излезе дека е раширена пракса, која се нарекува геофагијата (јадење земја) и не е штетна и може да го заштити телото од токсини.
"Статиите кои треба да ве преплашат за вашето здравје, дури и оние кои не се пренадуени, ја влечат својата специјална моќ од фактот дека ние ги минуваме деновите негирајќи ја нашата смртност. Секоја од нив нас од ново не потсетува дека сепак нема спас.
Не можејќи да ја избегнеме оваа трагична и налик апсурдна состојба, ние распалуваме против нашите судбини наоѓајќи тазе причина да направиме негативец од единственото нешто кое си ја врши својата работа во одржување на нашиот живот: храната.
Додаваме сол на рана кога инстантно се прелажуваме самите себе да веруваме дека бубачки, црви, и земја се единственото нешто соодветно за човечко консумирање.
Не паѓам веќе на ова. Се враќам на чајна и кашкавал," пишува Виндолф.