За вистински домашни манџи

Ресторан смее да понуди домашни јадења само ако тие се свежо подготвени, стои во новиот француски закон против подгревањето храна во ресторани.

Етикетата "домашно подготвено" треба да ја прекине праксата на купување однапред подготвени оброци, и нивно подгревање пред да им се послужат на гостите како тазе зготвени. По ново, гостите ќе можат да видат на менито дали нивниот оброк е подготвен во ресторанот од нула или е купен.

Законот кој деновиве кој успешно мина во Долниот дом, предвидува казни за сите кои лажно ќе ги користат етикетите "fait maison." Се проценува дека една третина од рестораните во земјата барем еден дел од менито им е составено од однапред подготвени оброци кои само ги загреваат во микропечка.

"Клиентите сега не знаат што да очекуваат. Проблемот моментално е што кога ја отвораш вратата на ресторанот, не знаеш дали во кујната има готвач," изјавил првиот човек на Федерацијата на ресторани, Дидие Шене.

Законот треба да отвори околу 25.000 работни места во кујните на некои од 125.000 ресторани низ Франција. Овој потег се очекува да доведе до раст на цените од околу 7%.

Пред 3 години Унеско ја додаде француската кујна на листата на "светско наследство."

28 јуни 2013 - 12:51