Веганство и затворска казна

Родителите што своите деца ги растат како вегани треба да бидат судски гонети, решија белгиските доктори по неколку смртни случаи на деца во тамошни училишта, јасли и болници.

Се проценува дека 3% од белгиските деца се присилени да следат строга диета во која се лишени од секакви животински производи вклучително јајца и млеко.

Белгиската Кралска академија за медицина пред некој ден објави правно мислење „кое би можело да влијае на идните судски пресуди, и ова е прв пат здравствените власти на земјата да заземат позиција околу веганството“.

Нивниот став е дека е неетички децата да се подвргнуваат на ваква исхрана бидејќи „таа не вклучува животински протеини и витални амино киселини кои можат да го помогнат растот на децата и да спречат здравствени проблеми.“

Според Академијата веганска исхрана е безбедна за децата ако е надополнета со медицински надзор (што не подразбира „прочитав на Фејсбук / Инстаграм), редовни тестови на крвта и витамински суплементи, кои доминантното мнозинство од родителите (без разлика дали биле вегани или не) не се квалификувани да извршат.

Професорот Жорж Касимир, педијатар кој ја предводи комисијата на Академијата што го пишува извештајот, порачува „ние мора ова да им го објасниме на родителите пред да ги присилиме, меѓутоа повеќе не можеме да го толерираме ваквото загрозување.“

„Медицински не е препорачливо, па дури и забрането, е дете, посебно во време на рапиден раст, да се става на потенцијално дестабилизирачка исхрана, која бара често надополнување на храната и контрола.

Овој концепт на исхрана е сличен на третман кој не е етичен за да им се наметнува на децата,“ пишува во мислењето од Академијата.

Со објавувањето на мислењето, ставањето деца на вака  строг режим на исхрана во Белгија правно се квалификува како „не-помагање на лице во опасност“, што според законот предвидува казна од 2 години затвор. Цаката со мислењето од Академијата е што според белгиските закони човек не може да биде осуден за прекршок доколку тој не е свесен дека некој друг е во опасност, со објавувањето на документот станува општопознат факт дека веганската исхрана може да биде смртоносна.

„Кога сме деца нашето тело произведува мозочни клетки. Ова значи поголема потреба од протеини и клучни масни киселини. Телото нив не ги произведува па тие мора да бидат внесени преку животински протеини.

Тука зборуваме за ограничен раст и психомоторни нарушувања, неухранетост и значителна анемија. Одреден развој мора да се случи во конкретно време од животот и ако тоа не се направи, нема поправање,“ објаснува Касимир.

Во 2017, белгиски пар беше осуден на 6 месеци условен затвор откако нивното 7-месечно бебе починало од неухранетост и дехидрација. Смртта на новороденчето докторите ја припишаа на родителите кои решиле да го хранат само со растително млеко.

****

Двајца од Австралија со слична идиотска приказна

20 мај 2019 - 12:27