Што бубачки сакате за вечера?

Глобалното земјоделство искористува половина од површината на планетава на која може да се живее, а глобалното производство на храна душмански ја загадува планетава, и ситуацијата е толку непоправлива што Економист верува дека е полесно народ да го натераш да јаде бубачки, отколку тоа да се среди.

На глобално ниво цената на храната пораснала во 13 од изминатите 15 месеци, и е близу пикот од 2011. „Само“ три фактори придонесоа за скокот на цените: лошо време, пандемија и свинскиот грип што ја зафати Кина во 2018.

Згора на актуелните проблеми, глобалниот систем за прехрана постојано третпи под притисокот од климатските промени, растот на населението и префрлањето на позападен начин на исхрана во кој доминира месото.

Економист објаснува дека олеснителна околност во сето ова е што почнаа да се појавуваат нови технологии за масовно производство на храна на нови начини, од „растено“ месо, до вертикални фарми и нови начини за производство на риба.

Трошејќи го најголемиот дел од тексот за да објасни како во 17-от век Европејците одбивале да јадат компир (прв пат донесен од Америките), како доматот и палентата станале столбови на италијанската исхрана иако се појавуваат дури по 16 век, исто така од Америките, плус кафе од Арабија или чај од Кина, Економист порачува дека едноставно треба да дадеме се од себе за да се навикнеме и на некои денешни новини.

„Западните потрошувачи треба да ги стават на страна своите стравови околу јадење скакулци, и да им дадат шанса на растителните бургери, 3Д печатените стекови и туна одгледувана во лабораторија.

Регулаторите, посебно во Европа и Америка треба да го олеснат процесот за одобрување на вештачки одгледано месо, да бидат повеќе отворени кон генетски уредувани житарки и да го забрзаат одобрувањето на инсекти како исхрана за животни или за човечка консумација. Неопходно е масовно преправање на прехранбениот систем. Меѓутоа тоа ќе биде возможно само ако потрошувачите и регулаторите се подготвени да бидат похрабри околу тоа што треба да се јаде за вечера,“ пишува Економист.

6 октомври 2021 - 14:00