За да го олесни снаоѓањето на луѓето со сè пораспространетата "finger food", највлијателниот британски авторитет за одредување различни бон-тони Debrett издаде упатство од 10 точки во кои за првпат во историјата на добрите манири се дозволува јадење со прсти.
За жал, кодексот се однесува на пици и останати ситници кои ние одамна ги имаме апсолвирано, но, не кажува ништо за она што ни е најслатко, макање пинџур или "она што останало од пржење кременадли".
Ок, за пиците. Debrett препорачува тие прво да се исечат на "војничиња" па после да се земат со рака. Ако нешто се истури во чинијата, тоа сепак треба да се собере со виљушка. Лижењето прсти останува сељачко.
Останатите манири на софра остануваат исти: исправено седење, забрането налактување на маса, незборување по мобилен, незборување со полна уста и слично.
Салветата се држи во скут а не збутана во кошула. Ако почувствувате дека останала храна во ќош на устата, слободно остранете ја "со нежно тапкање со салветата".