По анализата на 1.000 жени, било заклучено дека само јагнешкото и телешкото месо се поврзани со спречувањето на депресија. Пилешко, свинско, риба и протеини од растенија, немале никаква врска со менталното здравје.
"Кога ги анализиравме жените кои внесуваа помалку од препорачаната количина црвено месо, откривме дека е два пати поверојатно тие да бидат дијагностицирани со депресија, во споредба со оние кои ја консумирале препорачаната количина. Дури и кога ги зедовме во предвид и останатите фактори, врската меѓу намалениот внес на месо и менталното здравје, остана иста," тврди професорката Фелис Џака, од австралискиот универзитет Деакин.
Предноста на јагнешкото и телешкото во однос на другите видови месо е што овој вид стока во Австралија во најголем дел се храни со трева а не со житарици.
"Говедата и овците во Австралија се хранат со трева. Во голем број други земји, говедата ги хранат со житарици наместо со трева, заради што добиваат помалку хранливо месо со повеќе заситени масти а помалку здрави масти како Омега-3," објаснува професорката.
Пред да изедете стадо јагниња, авторите на студијата објаснуваат дека препорачаната количина е помеѓу 65 и 100 грама месо, три до четири пати неделно.