Британското министерство за здравство го најави ваквиот потег за на луѓето да им се овозможи „информирано донесување одлуки“ за тоа што ќе јадат. Но, и во самиот кабинет има разногласие по ова прашање. Министерката за финансии изрази загриженост дека ваквата одлука непотребно ќе оптовари голем број субјекти (вкупно 26.000) кои тоа ќе ги чини екстра 500 фунти годишно, цена која во крајна линија ќе ја платат консументите преку зголемените цени на храната. Особен трошок им се прави на оние мали ресторанччиња кои имаат сезонски променливи менија.
„Можни се три ефекти на оваа идеја. Како прво, вашето вечерно излегување ќе биде уништено од надвор-од контекст-факти и наместо вечер на дружење и релаксација, тоа ќе биде вечер на анксиозност, пребројувања и афтер ефекти од чувство на вина. Второ, нацијата дополнително ќе се одвикне да мисли со своја глава и да се потпира на владини предупредувања за тоа што е здраво а што не е. Трето, ваквото попување може да има контра-ефект па за инает да се зголеми побарувачката на „порно-храна“, пишува Телеграф
Но и самото спомнување калории може да биде штетно, ако така досудат надлежните. Британската агенција за реклами неодамна забрани десетина реклами на шкотските производители на џин, бидејќи се оценило дека рекламите промовираат неумерено пиење и сугерираат успешност во сексот. А текстот на забранетите реклами е прилично лабав:
„Овој џин-тоник има 91 калорија. Бананата има 105 калории. Докторот ми рече да правам здрави ибори. Го обожавам мојот доктор“
Во очите на „чуварите на јавното здравје“, кога ќе слушне ваква реклама, на човек веднаш ќе му се пребрише сè што знае за алкохолот и опасностите од злоупотреба па сабајле ќе почне со малку поинакво смути.
Синатра, Богарт, Черчил и дузина други би рекле дека тоа и не е не така лоша идеја....