Целата афера почнува со сведоштва од странци во Шведска, за со тек на време да биде потврдена и признаена од родени Швеѓан(к)и.
Имено, Швеѓани не нудат им храна на гости кога ќе им дојдат дома.
„Според одредени сведоштва кога гостин е кај некого за време на вечера, домаќинот ќе вечера а гостинот за тоа време ќе треба да почека во друга соба,“ се објаснува во текстот на канадски Глобал њуз.
Ова правило важи за сите, а посебно за деца што си играат во други куќи.
Аферата беше откриена по еден пост на Редит, во кој корисник раскажува приказна од своето детство како оди кај другарче да си игра:
„И додека си игравме кај него во соба, мајка му го викна да дојде дека вечерата е готова. И пази ова. Тој ми рече да ПОЧЕКАМ кај него во соба.“
Швеѓанката Линда Јохансон во текст за Индепендент ја признава оваа пракса, и се обидува да ја одбрани, прво дека како дете не го ни забележувала тоа и дека сите го правеле и обично кратко траело.
„Шведското размислување е следното: другото дете (или другото семејство) можеби има поинакви планови за вечера, и ти не би сакал да ја уништиш рутината или подготовката.
Мислам дека нема никаква врска со некаква желба да не се нахрани другото дете или дека е трошење пари или што било слично, многу повеќе има врска со традицијата и желбата да јадеш со сопственото семејство,“ пишува Јохансон.