На милионерот што сака да живее вечно му открија неизлечива болест

Фрикот од Силициумската долина кој потроши милиони долари и речиси целото време од својот живот за да стане бесмртен и вечно млад, призна дека страда од неизлечива болест која буквално му го јаде стомакот од внатре. Ама не се предава и решен е да се бори против смртта на единствениот начин што го познава – со нови технолошки чуда и уште построг режим. 

На Џонсон му е дијагностициран автоимун гастритис (АИГ) - состојба во која антителата на имунолошкиот систем ја менуваат функцијата и почнуваат да ги напаѓаат клетките од желудникот. Симптомите вклучуваат анемија, предизвикана од недостаток на витамин Б12, и зголемен ризик од рак во воспаленото ткиво. За оваа состојба нема лек или третман.

Мојот стомак се јаде сам, објаснува самиот.

Причината за состојбата ја бара во „нездравите“ навики што ги имал кога бил помлад, како јадењето премногу шеќер како дете и стресот од раните 20-ти години, кога се здебелил. Му бил дијагностициран хипотироидизам кога имал 21 година, состојба во која тироидната жлезда не ослободува доволно хормони во крвотокот.

Тревогата била крената во мај, кога неговиот медицински тим забележал дека има хроничен недостаток на железо, и покрај тоа што не изгледал анемично. Колоноскопијата дала чист резултат и исклучила рак и незабележано крварење. Други тестови, како ендоскопија и неколку биопсии, ја потврдиле дијагнозата на автоимун гастритис во рана фаза, во кој атрофијата е ограничена на стомачната слузница.

Откако заработи 800 милиони долари од продажбата на својата технолошка компанија во 2013 година, Џонсон разви опсесија да постигне бесмртност преку суперздрав режим на исхрана, вежби и постојани прегледи, користејќи ги сите можни технолошки новитети.

Самопрогласениот „биохакер“ постави прецизна временска рамка за оброци, вежби и одмор и ги мери конзумираните и потрошените калории – точно по 1.977 на ден. Постојано е опкружен со медицински експерти чија задача е да ја следат состојбата на неговата крв и органите, дури и честотата и времето на ноќните ерекции – за што плаќа по околу 2 милиони долари годишно.

Навечер користи заштитни очила со филтри за сината светлина, се буди точно во 5 часот на едночасовен тренинг со 25 вежби, користи десетици додатоци во исхраната и ги плакне забите со масло од чајно дрво. Пред три години доби трансфузија на плазма од својот син тинејџер за да ги обнови клетките, но подоцна призна дека третманот не бил успешен.

Денес, на возраст од 48-години тврди дека има срце како на 37-годишник, кожа како 28-годишник, капацитет на белите дробови како на 18-годишник и непца како на 17-годишник.

Џонсон е решен да се бори против состојбата, иако стандардната медицина признава дека ништо не може да се направи освен да ги контролира симптомите на AIG.

Современата медицина нормализираше премногу состојби што го нарушуваат нашето здравје, функција и удобност, сведувајќи ја целта на следење и управување, додека ретко се обидува да се најде лек. Повеќето од овие пресуди се донесени пред неколку децении, во ера што претходи на речиси целата наша сегашна технологија и наука, и тие во голема мера останаа неоспорени. Сакаме да го промениме тоа. Во ерата на вештачката интелигенција, мултиомијата и ДНК, протеини и клетки изработени по нарачка, ниедна состојба не треба да се смета за неизлечива само затоа што никој досега не се обидел да ја излечи со денешните алатки, порача Џонсон.

******

Види и: Милионерот што инсистира дека сака да живее вечно - никако да поживее

7 јули 2026 - 09:55