Милионерот што инсистира дека сака да живее вечно - никако да поживее

Брајан Џонсон има зацртано една единствена цел во животот. Може да ви се чини како ексцентрична амбиција, но овој 47-годишен бизнисмен од технолошката индустрија се бави со, според него, една од најфундаменталните човечки желби.

„Повеќето религии,“ објаснува тој, „продаваат некаква верзија на неумирање. Само што сега, неумирањето е технички, потенцијално можно.“

Ова тој го сфаќа многу сериозно и верува дека тестовите на кои се подложува ќе имаат бенефит за идните генерации. Неговото „патување“ на физиолошко себеоткривање го споредува со истражување на недопрени делови од Земјата.

Околу себе има тим од 30 научници што секој ден го мерат, го набљудуваат и експериментираат со неговото тело. Вели дека е „најмерениот човек“ во историјата, затоа што не му проверуваат само пулс и тежина. Мерат, на пример, и времетраење на ерекциите во текот на ноќта и брзина со која уринира. Рекорд му е 25 милилитри по секунда.

Спремен е на екстреми за да не умре. Лани си инјектираше 300 милиони „млади“ шведски матични клетки од коскена срж. Годината претходно прими литар од плазмата на син му. Кога виде дека има занемарливи резултати, реши да ја замени целата плазма во телото со Албумин (протеин во крвната плазма), за да  „се исчистел од токсини“. Квалитетот пак на неговата плазма како што се пофали бил толку висок, што на докторот не му се фрлала.

Секој момент од неговиот живот е под режим и се мапира. Вечера точно осум часа пред да си легне, за да може да спие со 44 отчукувања на срцето во минута пред да заспие. Зема и 50 суплементи дневно, вежба еден час - комбинација од кардио, тегови, баланс и флексибилност.

Се разбира, има и режим на исхрана. Многу се плаши од тешки метали, што според неговите истражувања се во храната што ја јадеме, па не конзумира животински производи. За појадок јаде брокули, карфиол, црна леќа и семе од коноп. „Секоја калорија што влегува во моето тело мора да се бори за живот,“ вели тој. Иако е во постојана состојба на лесна глад, вели дека идејата „да се опушти“ му е болна.

Целиот негов животен стил е крајно непрактичен. Ако сите живеат вака, нема да може никаква работа да се заврши, не би можеле да задржат работно место, да гледаат фамилија, или да се грижат за тие што имаат потреба од нив. Само утринската рутина на Џонсон бара 3-4 часа, а да не спомнуваме дека е прескапа - Џонсон го продаде неговиот стартап за 800 милиони долари во 2013, па барем за тоа не мора да се секира.

Неговата опсесија може лесно да се отфрли како за „чуден човек“, но истовремено е и врзана со патологијата на „чисто живеење“ што денес има достигнато ендемски нивоа во општеството. Не можат лесно да се изигнорираат анти-алкохолните движења, спиењето со Епл саат, постењето по 16 часа дневно и други здравствени хакови - сите имаат ехо од „да не се умре“ - мантрата на Џонсон. Затоа и има толку следачи, а и документарец на Нетфликс со наслов „Не умирај: Човекот што сака да живее вечно“.

А сепак, опсесијата со неумирање звучи како губење време од животот. Колку многу односи и проекти би морале да се напуштат, колку радости и задоволства што би се жртвувале на олтарот на здравјето?  Хуго Тимс од Спајкд, ова вака го срочува:

„Ако имам избор или никогаш да не умрам, или добро да живеам, знам што би избрал - кафана.“

13 јануари 2025 - 11:22