Иако ангажирањето експерти платени за претседателите да изгледаат попретседателски е редовна појава, Реган целата работа ја издига на сосема ново ниво. Па така Белата куќа во негово време продуцира "дотогаш невидени" количини на видео снимки, колку "претходните пет администрации заедно", спремни за тогаш растечката и гладна индустрија на телевизиски вести, "снимки кои секогаш го претставуваа лидерот на слободниот свет во најласкаво светло".
Најголемиот дел од овие снимки и понатаму се чуваат во претседателската библиотека на Реган, и се користат во создавањето на документарецот. Како што објаснува Џулија Фелсентал во Вог, дури и извадоците и блуперите од снимениот материјал од тоа време изгледаат како да се правени по сценарио.
Во една од последните сцени на документарецот, спикерот Питер Џенингс изјавува "се смрзнувам од помислата дека претседателите по него би биле судени врз основа на тоа колку им е добар телевизискиот настап."
И покрај тоа што има мноштво коинциденции со денешниот претседател, документарецот се снима речиси 3 и пол години, и во најголем дел е завршен кога Трамп е избран за претседател.
"Сепак на секој што го гледа во 2017 ќе му се привиди Трамп. Реган шоу започнува со снимка од Реган кој ја објавува неговата намера 'да ја направи Америка повторно голема'. Во него има снимки од Ненси Реган како му е лута на претседателот, кои потсетуваат на виралните фотографии од Меланија (на првото патување на Трамп низ светот). Екстремно скептични новинари кои негодуваат што Реган минува толку време на одмор (една-шестина од дотогашниот мандат), и дека троши двојно повеќе енергија на церемонии и односи со јавноста, отколку на политика. Новинари како дофрлуваат провокативни прашања на лидер кој е неволен да им ги одговори.
Во еден клип Реган директно му се обраќа на американскиот народ по првиот состанок со Горбачов: 'Имаше над 3.000 новинари во Женева, па можно е да има 3.000 мислења за тоа што се случило.' Потоа, користејќи тактика што денес ја сметаме за трамповска порачува: 'Јас одлучив мојот извештај да ви го поднесам директно вам,'" пишува Фелсентал во текстот за Вог.
Во разговор со нејзе еден од двајцата автори на документарецот изјавува "ние дефинитивно денес немаше да го имаме Трамп ако го немавме Реган."