Нова мода во Аргентина:

Свадба, ама не за озбилно

На Аргентинци кои задоволно живеат во неофицијализирани врски, сè почесто им фали свадба. Па сè почесто и решаваат да прават свадба, ама, кобајаги.

Церемонијата изгледа прилично реално. Невестата е во бело, младоженецот нервозно цупка, сватовите се со насолзени очи. Но во клучниот момент пред изговарањето на судбоносното „да" се слуша глас од публиката - еден маж излегува пред сите и вели дека е заљубен во - младоженецот. Невестата почнува да плаче, но за да не иде целата работа фира, двајцата мажи се венчаваат, по што следи журка.

Ова е сепак само свадбена претстава, најнов тренд за организирање забави во Аргентина, каде младите сè поретко се одлучуваат да го озаконат својот брак.

„Сè почна пред две години, кога со неколку пријатели сфативме дека не сме биле долго на свадба, затоа што никој веќе не се мажи и жени", вели 26-годишниот новинар Мартин Акерби. Токму затоа тој со четворица пајташи од универзитетскиот град Ла Плата, 50 километри јужно од Буенос Аирес, почнале да организираат лажни венчавки.

На нивно изненадување целата работа почнала да цвета - во ноември 2013 формирале компанија наречена Фалса Бода, и од тогаш не можат да постигнат да го задоволат интересот на нивните клиенти. Типично лажно венчавање обично има околу 600-700 гости, а забавите траат до 6 наутро, како и вообичаените аргентински свадби. Актерите играат по различно сценарио на секој настан, но секој кулминира со тоа што невестата го фрла бидермаерот.

Соживувањето со свадбената атмосфера е толку големо, што девојките се фрлаат ко луди по букетот, а гостите ја сликаат невестата како да е холивудска ѕвезда. Очигледно романтичноста поврзана со свадбите сè уште е жива, иако на озаконувањето на бракот младите гледаат како на формалност која нема врска со љубовта. Така, во Буенос Аирес во 2013 се венчале 11.642 парови, што е речиси половина помалку од 1990, кога бројката била 22.000. Просечната возраст за стапување во брак за жените пораснала од 28 на 33, а за мажите од 29 на 34. Ваквите лажни церемонии нудат шанса за запознавање нови партнери, а најчест начин да се почне муабет со непознат на ваков настан е: „ти си од кај невестата или од кај младоженецот?".

9 октомври 2015 - 16:58