И покрај тоа што праксата е забранета од 1994-та, две-третини од овие киднапирања не се со согласност на невестата (кај останатите станува збор за консензуално "киднапирање" како дел од традицијата, нешто како туркањето врата кај нас).
Обично, идниот зет собира група другари и заедно возат наоколу барајќи девојка која тој би сакал да ја ожени. Жената буквално е грабната од улица, ставена во автомобил и директно однесена во домот на младоженецот, каде неговото најблиско семејство веќе ги започнало подготовките за свадба.
Откако ќе влезат во куќата, повозрасните жени од семејството ја имаат клучната улога да ја убедат невестата да го прифати бракот. Тие се обидуваат да ја покријат главата на невестата со бела марама, што симболизира дека таа е омажена со својот киднапер. По повеќе часови борба, околу 84% од киднапираните жени прифаќаат да се омажат.
И родителите на киднапираната во исто време и вршат притисок да се омажи, бидејќи откако девојката еднаш влегла во домот на киднаперот неа повеќе не ја сметаат за чиста, заради што е срамота да се врати дома. За да избегнат брука, голем дел од жените остануваат со своите киднапери.
За постарите Киргистанци, денешните киднапирања се крајно вулгарни и понасилни отколку во нивно време.
"Не ни се допаѓаат модерните киднапирања на невести. Кога ние бевме млади, тоа беше консензуално киднапирање. Ние добро се знаевме меѓу себе и разменувавме љубовни писма пред киднапирањето. Денес, младите насилно киднапираат жени, а тоа не е наша традиција," изјавил 83-годишниот брачен пар Ешен и Турсун, кои се во брак од 1954-та.