Наспроти раширеното уверување, воведувањето на компјутерите во деловното секојдневие не ја зголемило продуктивноста на светската економија. Во однос на преткомпјутерското доба, порастот е значајно помал и убедливо несразмерен со трошоците за воведување информатичка технологија.
Станува збор за тн. "парадокс на продуктивноста", чии обриси му се припишуваат на американскиот економист Роберт Солоу. Нобеловецот своевремено ги потсети деловните луѓе дека инвестираат милијарди во нешто што не дава позитивен економски резултат што го руши темелот на економското однесување на менаџерите и инвеститорите - рационалноста.
Започнуваат истражувања за економската ефикасност на ваквите вложувања кои бараат одговор зошто "најкорисниот човеков изум после тркалото" не ги дава очекуваните резултати. На тацна се 6 хипотези во кои можеби се крие вистината:
- хипотеза на неадекватниот менаџмент (вложувањето во компјутерската технологија не е следена со соодветни трошоци за континуирано образование поради што опремата не се користи оптимално).
- хипотеза на редистрибуција (стапките на поврат на вложувањата служат само за натпревар со другите претпријатија од иста област).
- хипотеза за доцнење на образованието (технологијата ќе генерира најдобри продуктивни ефекти кога целото општество ќе биде подготвено да ги прифати).
- хипотеза за неадекватно мерење (статистиките не ги мерат дополнителните ефекти на информатичката технологија)
- хипотеза на индиректни фактори (фактори кои не се во врска со овој аспект на работењето а ја влечат продуктивноста надолу)
- хипотеза на премал удел (компјутерите имаат премала вредност во вкупната вредност на основни средства да би влијаеле битно врз порастот на вкупната продуктивност).