
Само една четвртина од Американците се убедени дека нивната земја се движи во правилна насока, покажува првата обемна анкета спроведена по убиството на Чарли Кирк. На истото прашање во анкетата на AP-NORC во јуни, 40% се изјасниле позитивно.
Падот на оптимизмот е особено впечатлив меѓу регистрираните републикански гласачи. Во јуни 70% ја гледале земјата на вистинската патека, а сега во тоа се убедени едвај 50%. Меѓу оние помлади од 45 години, 61% велат дека земјата се движи во погрешна насока (30% во јуни), а недовербата кај жените се зголемила од 27% на 75%.
Ставовите на регистрираните демократски гласачи и на независните не се промениле значително.
Веќе бев загрижен поради влошувањето на политичката ситуација, но да ме прашавте пред две недели, немаше да го спомнам тоа како главна грижа. Непријателството и поделбата прераснаа во насилство, а сега и во вознемирувачки атентати, одговорил 42-годишен републиканец од Хјустон.
Мислењата за насоката на земјата имаат тенденција да бидат прилично стабилни, но големите настани, како атентатот врз Кирк, знаат да ги потресат чувствата кај симпатизерите на партијата што е на власт. Демократите, на пример, почесто велат дека САД се движат во погрешен правец откако Врховниот суд во 2022 година, кога претседател беше Џо Бајден, ја поништи пресудата „Роу против Вејд“ за федералното право на абортус.
Но, промената во оптимизмот кај републиканците е поголема отколку во ноември 2020 година, кога Трамп ја изгуби претседателската трка со Бајден и може да се споредува само со падот на оптимизмот во првите два месеци од пандемијата на ковид-19.
Како секундарни грижи, покрај политичкото насилство, граѓаните ги истакнале и безбедноста на работните места, трошоците за живот и криминалот.
Џослин Јурчак, работничка во магацин од Пенсилванија, вели дека е вознемирена од нелегалната имиграција и криминалот со дрога.
Ме загрижува општото насилство, не само политичкото. Има толку многу криминал во земјата. Тоа е одвратно. Никој повеќе нема почит кон никого, изјавила Јурчак.
Анкетата на AP-NORC била спроведена кај 1.183 возрасни Американци врз репрезентативна основа во периодот од 11 до 15 септември.