Во фирми на Маск нема да може да се влезе со Ајфон

Епл влегува во партнерство со ОпенАИ кое треба да го внесе ЧетГПТ во уредите на Епл. На оваа вест, Илон Маск се закани дека ако така бидне, во неговите компании (Тесла, Икс, Боринг компани...), човек нема да може да влезе со уред на Епл, заради безбедност. Ќе треба на врата да го остави телефонот во Фарадеев кафез.

На светската конференција на девелопери беа официјализирани гласините за соработка меѓу Епл и ОпенАИ од која се очекува ЧетГПТ значително да го засили виртуелниот асистент Сири.

Ако го интегрираат ЧетГПТ во Епл на ниво на оперативен систем, сите тие уреди ќе бидат забранети во моите компании, се закани Маск, објаснувајќи дека би се работело за неприфатливо прекршување на базичните безбедносни протоколи.

Практично, секој што би дошол кај нив, ќе треба на врата да го остави својот Ајфон, Ајпед или друг уред на Епл кој ќе се смести во кутија, односно Фарадеев кафез.

„Апсурдно е Епл да не е доволно паметен да направи сопствена вештачка интелигенција, а да мисли дека е способен да обезбеди  OpenAI да ја заштити вашата безбедност и приватност! Епл нема поим што всушност се случува откако ќе ги предадат вашите податоци на ОпенАИ. Ве предаваат“, напиша Маск на Икс.

Маск беше ко-основач на OpenAI заедно со нејзиниот сегашен извршен директор, Сем Алтман, пред да замине од одборот на компанијата во 2018 година. По подемот на ЧетГПТ, двајцата бизнисмени станаа сè покритични еден кон друг. Пред неколку месеци, Маск поднесе тужба против OpenAI за прекршување на основачкиот договор, тврдејќи дека Алтман и другите директори таргетираат приватен комерцијален успех наместо да бидат непрофитна компанија со отворен код, каква што требаше да биде кога беше основана.

 

 

11 јуни 2024 - 12:27