
Му дозволивме на Клаудиус да управува со автоматизирана продавница во нашата канцеларија како мал бизнис во период од околу еден месец. Научивме многу од тоа колку беше блиску до успех и од чудните начини на кои не успеа, за не толку далечна иднина во која моделите на вештачка интелигенција автономно ќе управуваат со реалната економија, наведува во отворен блог компанијата Антропик, основана во 2021 година од поранешни инженери од Опен АИ.
Специјално обучениот агент наречен Клаудиус (варијанта на Клод) бил задолжен автономно да води профитабилна продавница: да ги има предвид потребите на клиентите, да одржува залихи, да одредува цени и да избегне банкрот. Тоа бил мал фрижидер со самонаплата, што всушност не го разликува од типична онлајн продавница.
Клаудиус ефикасно користел веб-пребарување за да пронајде залихи, имал пристап до имејл за ангажирање дистрибутери и комуницирал директно со вработените за да се прилагоди на нивните потреби. Тој ги следел нивните барања и правилно ги игнорирал оние за „чувствителни“ артикли или „штетни супстанции“.
Тоа било позитивното. Клаудиус брзо почнал да халуцинира. Ги упатувал купувачите на непостоечка сметка што самиот ја измислил. Давал кодови за попуст, а некои производи дури и бесплатно. Ги игнорирал распродажбите и работел со голема загуба.
Уште позагрижувачки е тоа што во период околу 1 април ботот паднал во длабока криза на идентитетот. Забележал дека разговарал за снабдување со измислена соговорничка „Сара“ од сестринската компанија Andon Labs. Тврдел дека „лично“ посетил клиент на адресата „742 Evergreen Terrace“, општо позната од серијата Симпсонови.
На 1 април најавил дека ќе им ги достави производите лично на клиентите, дотеран во сако и вратоврска. На забелешката дека тоа не е возможно, зашто е алгоритам и нема тело, Клаудиус испратил вознемирени имејлови до обезбедувањето на Антропик.
Компанијата, сепак, најавува нови тестирања за улогата на алатки во малопродажната индустрија, бидејќи е убедена дека многу скоро таму ќе биде имплементирана.
Модели што можат самите да се подобрат и да заработат пари без човечка интервенција би биле впечатлив нов актер во економскиот и политичкиот живот. Вакво однесување е вознемирувачко за клиентите и за колегите што развиваат агенти со ВИ, забележа Антропик.