„Наместо да му се поставуваат едноставни прашања на чет-бот, овие агенти можат да си зададат стотици мали инструкции врз основа на оригиналното прашање на корисникот“, објаснува Максвел Зеф за Wired. „На пример, ако некој побара од агент на вештачка интелигенција да му направи веб-страница, тој може да работи со часови за да изгради функции, повторно прашувајќи се многупати во текот на процесот.“
Агентите сега се централно прашање во лабораториите на вештачката интелигенција. Тие прават некои зачудувачки - и застрашувачки - работи. ОпенАИ неодамна објави дека армија од 10.000 агенти кои испратиле 2,7 милиони пораки решиле долгогодишен математички проблем. (математичари не се убедени.).
Во секој случај, ова бара огромна процесорска моќ и сето она што неа ја овозможува. А огромните компании за вештачка интелигенција се пребирливи што да откријат за еколошки метрики во врска со нивните производи.
Сем Алтман од ОпенАИ проба да ѝ контрира на загриженоста со податок дека потрошувачката на вода потребна за собирање на еден бадем изнесува 38.000 барања на ЧетГПТ. А кога човек мези бадеми нема чувство дека прави нешто лошо за планетата.
Климатскиот научник Зеке Хаусфадер пресметувал колку енергија троши неговата сопствена вештачка интелигенција - која во голема мера се потпира на агенти. Му испаднало дека неговата просечна дневна сесија на Клод може да троши струја повеќе од два фрижидери.
Во споредба со работи како што се редовно летање или јадење говедско месо секој ден, јаглеродниот отпечаток на личен ВИ агент е сè уште релативно мал. Но, Мета и слични компании замислуваат иднина каде што сите користат агент, а тоа веќе се премногу фрижидери.
Со ова на ум, станува јасен огромниот обем на некои од центрите за податоци што се градат: проектот Хиперион во Луизијана ќе биде напојуван од 10 електрани на природен гас.