Иако демократијата се чини сеприсутна и вечна, таа е само мал дел од историјата: монархии, олигархии и други форми на авторитарно уредување биле многу почести начини на владеење со луѓето. А технологијата може да ги направи демократијата и либерализмот одвишни, смета израелскиот професор Јувал Ное Харари.
Во втората деценија од 21 век либерализмот почнува да губи на значење а брзиот технолошки развој ги прави луѓето да се чувствуваат безначајни. Обичен човек сè почесто ги слуша мистериозните термини глобализација, блокчеин, генетски инженеринг, вештачка интелигенција, машинско учење и сфаќа дека за нив суштински не знае ништо. Пред еден век работниците се бореа против експлоатацијата, денес против сопствената безначајност. „Полесно е да се бориш против експлоатација отколку против безначајноста,“ пишува Харари.
Промената секогаш е стресна а забрзаниот свет на 21 век создаде светска епидемија на стрес. Прашање е дали луѓето ќе можат да се носат со таквата непрекината променливост. До 2050 години, Хараре проценува дека ќе постои една значајна класа на „бескорисни луѓе“ која ќе се дефинира не само со немање работно место или потребно образование туку и со дефицит на ментална издржливост потребна за непрестано учење нови вештини.
„Многумина се плашат од вештачката интелигенција бидејќи не веруваат дека таа ќе им остане послушна на луѓето. Но, всушност повеќе треба да се плашат од тоа вештачката интелигенција за сè да ги слуша своите човечки господари и никогаш да не се побуни против нивните одлуки,“ пишува Харари за Атлантик.
Централните системи би можеле да се покажат многу поефикасни од традиционалните демократски регулативи а ефикасноста на алгоритмите ќе доведе до тоа авторитетот да се пренесе од луѓето на вмрежените машини.
„За да го спречиме тоа мораме многу повеќе да се потрудиме да го разбереме начиот на кој функционира човековиот ум. За секој долар и минута дадени за развој на вештачката интелигенција, мораме да вложиме долар и минута за развој на човековата свест. Само така ќе може да се избегне катастрофата. Ако сакаме да спречиме целото богатство и моќ да заврши во рацете на мала елита, ќе мора да се погрижиме за регулација на сопствеништвото над податоците. Во овој век податоците ќе бидат најзначајниот капитал а политиката ќе се претвора во борба за надзор и контрола над тој капитал,“ пишува универзитетскиот професор.