Реј Курцвеил: Издржете до 2045-та

Речиси 20 години откако го шокираше светот со прогнозата дека ни половина од овој век нема да мине а луѓето и машините ќе се спојат “во едно“, прочуениот футуролог вели дека денеска е уште поубеден во своите предвидувања. До 2029 година вештачката интелигенција ќе ја стигне нашата а до 2045 ќе се споиме па заедно ќе мозгаме за кого да гласаме на Ѕвезде гранда. 

Во дискусиите за вештачката интелигенција неизбежно е разгледувањето на нејзиниот потенцијал за катастрофични последици по човештвото, но футуристот Реј Курцвеил во својата нова книга тврди дека фокусирањето на лошите страни само ќе создаде „одложувања во надминувањето на човечкото страдање“.

Неговата нова книга „The Singularity is Nearer“ е продолжение на прочуената „The Singularity is Near“ од 2005 година и нуди ажурирани податоци и нови насоки за тоа како луѓето без страв можат да ја следат вештачката интелигенција затоа што тоа, според него, ќе ни овозможи далеку подобар живот од нашите предци.

„Стапките на писменост се зголемуваат додека стапките на убиства се намалуваат, демократијата е пошироко распространета, а употребата на обновливи извори на енергија е во пораст“, оптимистички забележува Курцвеил.

Тој останува уште поубеден во двата клучни датуми од неговата претходна книга, дека вештачката интелигенција ќе ја достигне човечката интелигенција до 2029 година а дека човекот ќе се спои со машините до 2045 година, настан што тој го нарекува „сингуларност“.

Сингуларноста е „следниот чекор во човечката еволуција“, кога луѓето се спојуваат со вештачката интелигенција за да се „ослободат од биолошките ограничувања“, вели Курцвеил. Ова ќе се случи првенствено преку интерфејси мозок-компјутер како оној што Елон Маск го прави со Неуралинк, вели тој. Континуираното зголемување на компјутерската моќ и падот на цените на чиповите и процесорите ја прават оваа иднина неизбежна.

Тој ги потсетува скептиците на теоријата за експоненцијален раст. Напредокот не е линеарен, општеството прави големи скокови, како што беше експлозивното деби на ЧетГПТ.

„Експоненцијалниот раст на технологијата оди мазно и стабилно веќе 85 години, наспроти сите војни, кризи, рецесии и големи светски турбуленции кои во меѓувреме се случуваа. Така ќе продолжи и натаму,“, вели познатиот футуролог.

Реј Курвеил денес има 76 години и неодамна создал ВИ четбот со неговиот покоен татко.

4 јуни 2024 - 10:43