Оправдание за Ајфон од 1.400 долари

Епл во септември освен стандардните два нови модела на Ајфон, ќе презентира и трет уред, ултра-делукс модел по повод 10-годишнината од првиот Ајфон. Аналитичарите очекуваат овој модел да има ОЛЕД екран, 3Д слика и скенер на ретина, и да чини меѓу 1.000 и 1.400 долари.

Сумата од 1.400 долари е речиси два пати поголема отколку цената на основниот Ајфон 7 или на (потенцијално) сличниот по перформанси Галакси С8.

Од друга страна Вол стрит журнал смета дека има неколку причини зошто за Епл е паметно да ги крене цените:

- Засилување на брендот
Проблемот е што Ајфон заради својот квалитет, функционалност и издржливост, стана сеприсутен производ на пазарот. Поскап и повпечатлив производ има потенцијал го надмине ваквиот статус на секојдневна појава, и да презентира некои од клучните нови капацитети на брендот.

Логиката зад ова ја има и во автомобилската индустрија во која се создаваат нечовечки набилдани верзии на стандардни модели со астрономски цени, кои ја помагаат продажбата на стандардните верзии.

- Напредна нова технологија
Ваков производ им дозволува да тестираат нови технологии, па иако дел од опциите најавени за луксузниот модел веќе се на големо достапни на Андроид уредите, Епл наводно моментално тестира функционалност како 3Д слики.

Новите технологии спакувани во стандарден Ајфон ќе бараат посилен хардвер од предвидениот, што би ја намалило заработувачката на Епл. Вака и Епл сит, и заработувачката на број.

- Ограничена количина
За време на минатите новогодишни празници Епл продава по 9 Ајфони во секунда, темпо и квантитет кои не можат да се одржат кога се прашање револуционерни производи и техника. Проблеми со залиха на Епл му се случија со  Ајфон 7 плус, а претходно и со Ајфон 6, па иако ќе има помала побарувачка истото може да го затекне и за луксузниот модел за 10-годишнината.

Како што објаснува еден од аналитичарите што го следат Епл, "решението за ваквиот проблем е едноставно да се наплаќа поскапо".

"Ако новиот луксузен телефон на Епл е наменет за нов сегмент - луѓе кои се волни да платат над 1.000 долари за телефон - Епл може колку сака да наплаќа за да ја балансира залихата и побарувачката на уредот, наместо да се грижи дали зголемувањето на цената ќе им наштети на вкупниот удел на пазарот," објаснува Кристофер Мимс во текстот за Вол стрит журнал.

- Цена = Посакуваност
Последната ставка во теоријата е чиста психологија и владеење на пазарот од страна на Епл: колку е поскап еден Епл производ толку повеќе луѓе ќе го посакуваат.

Ова го следи Епл уште од пред десет години, па кога излегува првиот Ајфон, луѓето без проблем се подготвени да платат 599 долари (со 2-годишен договор) за уредот, во тоа време цена за највисоката класа на мобилни.

"Токму како и линијата возила на Мерцедес-Бенз, каде секоја класа очигледно покажува колку пари дал купувачот, така и новата линија Ајфони може да го засили капацитетот на Епл да сигнализира статус и богатство," објаснува професорот по маркетинг, М. Берк Талај.

1 август 2017 - 11:08