Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, повика сите центри за податоци низ светот да се напојуваат со обновлива енергија до 2030 година и да бидат потранспарентни во однос на нивното влијание врз трошењето на енергијата, водата и земјиштето. Повеќето аналитичари сметаат дека енергетскиот сектор физички не може да спроведе толку брзи промени за да се оствари таа цел.
Обновливите извори сè уште растат побрзо од кој било друг извор на енергија. Производството на струја од ветер и сончеви зраци се очекува да го надмине она од јагленот до крајот на оваа година, соопшти Меѓународната агенција за енергетика во извештајот од минатата недела. Но, комбинацијата од две фосилни горива - природен гас и јаглен - сè уште го надминува комбинираниот раст од обновливите извори на енергија и нуклеарната енергија.
Од другата страна се проекциите дека побарувачката на електрична енергија за центрите за податоци двојно ќе се зголеми во следните четири години.
Не постои начин секој центар за податоци да се напојува со обновлива енергија до 2030 година. Тоа би барало декарбонизација на повеќето електроенергетски мрежи во светот за помалку од пет години, изјави Мајкл Томас, основач на платформа за пазарни анализи Cleanview.
Најголемите трошаџии - Google, Microsoft и Amazon, во новите извештаи за одржливост истакнаа подобрување на енергетската ефикасност, но експанзијата на центрите за податоци значително ја зголемува вкупната употреба на ресурси. За да ги избегнат обврските од регулаторите, технолошките компании се спремни да откупат кредити за чиста енергија низ целиот свет и да користат повеќе гас.

Само во Охајо во фаза на изградба се десет нови електрани на гас наменети за идни центри за податоци. Комплекс во Западна Вирџинија планира до 2028 година да се напојува со стотици генератори на гас. Илон Маск купи компанија за гасни турбини за да може поефикасно да ги напојува центрите за податоци во Тенеси што работат за Grok.
Сепак, многу сојузни држави не отстапуваат од строгите регулативи што ги кочат технолошкиот развој и трката со Кина. Мичиген, Орегон и Минесота усвоија закони со кои енергетските компании мораат до 2040 година да генерираат струја исклучиво од обновливи извори. Слични закони се предложени и во Калифорнија, Илиноис, Њу Џерси, Пенсилванија и Вирџинија. Њујорк со нов закон би ги обврзал центрите за податоци да ги исполнуваат стандардите за обновлива енергија почнувајќи од 2030 година, а до 2040 година да користат најмалку 90%.
Ако можат да вложат милијарди долари во развој на центри за податоци, тогаш сигурно имаат пари и за изградба на капацитети за обновлива енергија што ќе ги напојуваат тие центри, изјави сенаторката Кристен Гонзалес.
Директорот на Агенцијата за заштита на природата, Ли Зелдин, предупредува дека строгите регулативи ја поткопуваат конкурентноста на САД.
Многумина Американци би се согласиле дека треба да ја добиеме оваа трка против Кина за да бидеме светски центар на ВИ, изјави Зелдин.
******
Види и: Кинезите градат „зелени“ централи, но чуваат и јаглен за дата-центрите