Новиот врвен статус кога е во прашање технологијата е да имаш некој друг задолжен да ја брка таа работа за тебе.
Во последното интервју за Вол Стрит Журнал, Вуди Ален признава дека никогаш во животот ниту испрати, ниту примил е-маил. Човекот има Ајфон ама го користи како телефон, за слушање џез и на него вежба кларинет кога е на пат, ама не и за мејлови, чет, аплоудирање слики или социјални медиуми.
"Никогаш не сум испратил е-маил, ниту сум примил. Има само две копчиња што ги допирам, едното е за време, другото е Хафингтон пост," објаснува Вуди Ален.
На страна стариот, голем број тазе ѕвезди ги имаат аутсорсирано своите профили во социјалните медиуми, на трети лица. Така е со твитерот на Аштон Качер, Фифти, Бритни Спиарс, блогот на Канје Вест. Тука се и ѕвезди како Винона Рајдер, која во интервју призна дека уште учи како да го работи Ајфонот, и дека никогаш во живот не користела интернет.
Иако има филозофски причини да се прескокнат најновите гаџети, кај овие луѓе поентата е - дека можат да го направат тоа. Праќањето мејлови, полнењето на телефонот со апликации, филмови и музика е во основа досадна работа. Пред постоењето на интернетот, богатите им плаќаа на други луѓе да пишуваат писма за нив или да им ја поврзат електронската опрема низ домот. Сега плаќаат да не мора да се маткаат со телефонот, со продавницата за апликации или одговарање на Твитер.