После цела година чекање за Key Lime Pie, името на 4.4 верзијата на Андроид, Гугл комплетно ги смени плановите и објави дека следната верзија на нивниот оперативен систем ќе се вика - КитКат. Баш како чоколатцето и баш во соработка со Нестле.
"КитКат секогаш било чоколатце што сите го сакаат, без разлика колку години имаш, па дури и да не сакаш чоколади, пак нема да го мразиш КитКат... КитКат го има речиси половина век и е насекаде околу светот. Познатиот бренд на Нестле е едно од имињата кои можат да се споредат со Кока-кола или Пепси. Од моите братучеди тинејџери, до мајка ми и тетките, сите знаат што е КитКат.
Од друга страна, споредено со КитКат, Андроид е навистина нов бренд кој постои само еден деценија. Не сите знаат што е Андроид, најголемиот дел од луѓето знаат дека тој е поврзан со Гугл или со смартфони, ама ништо повеќе. Отприлика и моите родители го знаат ова за Андроид. Наспроти нив, тинејџерите и младите во развиените земји кои имаат смартфон, лаптоп, таблет или компјутер, знаат што е Андроид и колку потенцијал има," пишува во анализата на зделката објавена на Медиум.
Иако неколку пати беше повторено дека ниту една компанија не платила за зделката, ќарот на Нестле е што во следните неколку години, КитКат брендот ќе биде секој ден споменуван кога некој ќе збори за Андроид. Од друга страна за Гугл ќарот е што луѓето ќе зборуваат за КитКат кога ќе разговараат за Андроид уреди и јавноста со помало познавање околу технологијата ќе се заинтересира за тоа како едно чоколатце е поврзано со Андроид и Гугл.