Во општата кукњава на американски државници и шефови на служби, неделава се издвои она на гувернерот на Њу Џерси кој не запомагаше по федерални пари, респиратори или маски туку по програмери за КОБОЛ.
Целиот систем на таа држава за социјално осигурување на невработени крахирал откако за само седум дена примил над 200.000 нови апликации. Некогаш системот е паднат, некогаш покажува гличеви, некогаш се смрзнува и луѓе не можат да го внесат својот случај во него па админите решиле да воспостават некаква „чифт-тек мој термин“ шема (според бројот на социјалното осигурување) за најавување на системот.
Гувернерот Фил Марфи објаснил дека системот за невработени им е поставен пред повеќе од 40 години и дека е кодиран во COBOL, програмски јазик кој е развиен во 1959 година.
Дури и во 80-тите години кога беше широко изучуван и користeн, многумина го сметаа COBOL за многу не-кул и застарен. Беше изучуван првенствено за функционирање на големите меинфреим компјутери, пред да дојдат серверските фарми и клаудите. Тој сепак и ден-денес е во употреба во некои американски државни институции, од две главни причини: прво, стандардната беспарица на која стандардно се жалат локалните инстанци и второ, COBOL знае да функционира сосема добро, ако успееш да најдеш програмери кои го знаат.
Њу Џерси не е единствената држава со заостанат систем: нова пријава во Конектикат добивала проценка дека ќе биде процесирана за околу 5 недели а официјален Вашингтон бара од невработените своите апликации да ги пополнуваат во Интернет Експлорер, интернет браусерот кој Мајкрософт официјално го пензионираше пред 5 години.
Часови за COBOL во моментов можат да се добијат во само 37 универзитети во целата земја. Професор на еден од нив (курсот го задржале благодарејќи на спонзорство од IBM), вели дека оние студенти кои го одбрале овој јазик, може да се надеваат на 15.000-30.000 долари поголема годишна плата од програмерите кои не го познаваат.