Мета сака да отвори кладилница за своите 3 милијарди корисници

Газдата на Мета сака да се вклучи во бизнисот на пазари за предвидување што им донесе многу пари на Полимаркет и Калши. Платформата „Арена“ на Марк Закерберг би била одвоена од Фејсбук и Инстаграм, но би ги опфатила нивните 3 милијарди корисници. Во почетокот ќе може да се кладат со „дигитални жетони“, со план потоа системот да се префрли на вистински пари.

Закерберг му наложил на мал тим на Мета да изработи апликација за смартфони што би можела да им конкурира на Полимаркет и Калши. Планот, според извори на Њујорк тајмс, е платформата да користи систем на поени, како видео игра, со механизам подоцна да биде префрлена за пари.

Разликата е важна, бидејќи пазарите на предвидувања со реални пари се сметаат низ светот за коцкарници, а во САД се под федерален надзор на Комисијата за тргување со стоки (CFTC).

Потенцијалната предност на Мета во однос на конкуренцијата е што веќе има стабилна база од околу 3 милијарди корисници на Фејсбук и Инстаграм што се активни месечно. Нивниот број не може ни приближно да се спореди со активноста на било која друга платформа.

Полимаркет и Калши брзо пораснаа во изминатите две години. Комбинираниот месечен обем на тргување на платформите се зголеми четирикратно од 5 милијарди на 24 милијарди долари во периодот од септември 2025 до април 2026 година.

За нив заканата е егзистенцијална без оглед дали корисниците на Арена би се обложувале со поени или со пари. Бесплатната верзија би можела да го одвлече вниманието на обичните корисници од платформите кои зависат од активно учество за поставување точни цени. Верзијата со вистински пари би отворила директна пазарна битка со компанија што има значително повеќе пари, инженери и корисници од целата индустрија за пазар на предвидувања.

Од интерес на Мета е брзо да се вклучи на пазарот. CFTC на 10 јуни предложи нови правила за индустријата со предвидувања, со кои би се забраниле обложувања поврзани со војна, напади и тероризам, но би овозможиле обложувања на спортски настани.

Пазарите за предвидување, исто така, се соочија со проблеми со интегритетот. Калши и Полимаркет објавија нови ограничувања за инсајдерско тргување по случаите на корисници што оствариле добивка од изјавите на Трамп за Иран и од акцијата за грабнување на венецуелскиот лидер Николас Мадуро. 

Арена е една од неколкуте нови апликации што ги тестира Мета. Се развива и алатката Meta Photos за генерирање содржини за медиуми. Закерберг разгледува сценарија и за воведување претплата за апликациите на Мета.

25 јуни 2026 - 15:12