Ваквиот хаос на глобалните производители на компјутери потекнува од омасовувањето на работењето и учењето од дома. Друг крајно неочекуван исход од пандемијата е што зголемената продажба на поголеми уреди и наштети на очекуваната продажба на смартфони.
Врвот на глобалната испорака на лаптоп и десктоп компјутери беше 2008 кога надмина 300 милиони парчиња, за потоа да падне под 250 милиони. Аналитичарите очекуваат дека годинава ќе ја затвориме со 300 милиони пратки, а во исто време продажбата на таблет уреди расте уште побрзо.
Бројките на аналитичарите од Каналис покажуваат до крајот на 2021 ќе има 1,77 милијарди инсталирани компјутери и таблет уреди. На крајот на 2019 ова изнесуваше 1,64 милијарди.
За да ги постигнат овие бројки производителите преземаат нестандардни чекори, па така на пример Ацер одлучува на свој трошок сите пратки да ги пушта авионски, откажувајќи го бродскиот и железничкиот превоз, за да го намали периодот за испорака за еден месец. Но и покрај ова, заради гужва на производните линии, дел од муштериите ќе треба да чекаат до четири месеци за својата пратка.
Само он-лајн нарачките на Дел во третиот квартал пораснале за 62% во споредба со минатата година.
Од Каналис раскажуваат за случки во кои набавувачи уште во април им рекле на производителите дека „каков било уред со тастатура ќе заврши работа се додека е испорачан во рок од една недела.“