Магазинот Фаст Компани, како прв доказ за ова прави споредба меѓу начинот на кој функционираат нотификациите на иОС и на Андроид (и двете во последната верзија). Во нив Андроид неспоредливо поуспешно и поприродно се снаоѓа со нотификациите, со посветување внимание на детали "како што тоа некогаш го правеше Епл."
Неочекувано големиот скок во дизајнот на Гугл се случува по минатогодишното објавување на концептот на Материјален дизајн, кој во основа е "еволутивен дизајнерски јазик за телефони, таблет и десктоп уреди - кои нудат неумолива конзистентност во интеракциите; невидливи правила кои управуваат со се', така што секоја апликација остава впечаток дека е позната; и убавина во служба на функционалноста."
7 години пред материјалниот дизајн, Гугл ја најмува Евелин Ким. Нејзин шеф е Даглас Боуман еден од антологиските веб дизајнери од Силициумската долина, нејзина работа е да го редизајнира речиси секој проект во Гугл.
До тогаш Гугл функционира како куп на мали градови-држави, со цел да се олесни текот на идеи и креативност и истите да не бидат заглавени во бирократија. Заради ова, секој Гугл продукт тим имаше и неколку свои дизајнери, кои требаше да ги разубават производите што излегуваа по напорната работа. Заради ова и на секој производ на Гугл единствен идентичен елемент беше логото.
Во текот на неколку недели, Ким и нејзината екипа создаваат унифициран дизајнерски јазик за Меил, Мапс, и пребарувањето. Тие својата работа ја презентираат на тогашниот ЦЕО, Ерик Шмит, и на Мариса Мајер, инженерка без минато во дизајн, која станува прв човек на Гугл за корисничко искуство. И двајцата се воодушевени од тоа што им е претставено, ама сепак не го стартуваат проектот.
"Ова е ера кога Мајер се фалеше дека Гугл разбира дизајн, бидејќи компанијата тестирала 42 нијанси на сина боја за хиперлинкови, за да открие на кој од овие луѓето кликаат најмногу. Тоа не беше дизајнерска филозофија колку што беше гол страв да не се расипе кеш машината на Гугл. Компанијата беше фокусирана на раст, не на убавина. Беше фокусирана на брзина. И така згасна еден од најраните обиди да се наметне дизајнерска филозофија во Гугл," пишува Клиф Куанг во Фаст Компани.
Четири години подоцна Ким се наоѓа сред еден сличен проект, овој пат стартуван од основачот Лери Пејџ, кој само што беше поставен за ЦЕО. На луѓето од Гугл не им се верува дека Пејџ потегнал ваков проект, посебно заради неговата филозофија дека "најдобар дизајн е немање дизајн, бидејќи брзината е единствена метрика што е важна. Додавање на што било шармантно на компјутерскиот интерфејс служи само за да го забави истиот."
Она што се случува во овие 4 години е што во Гугл во 2010-та доаѓа Матијас Дуарт, еден од најголемите дизајнери на Гугл, кој во компанијата доаѓа лидерската позиција во тимот кој го создаде "визионерскиот, но проколнат ВебОС на Палм." И покрај товарот од ставовите на Мајер и Пејџ, Дуарт почнува да ја турка идејата за дизајн во Гугл.
Во 2011-та, дизајнот станува приоритет за Гугл, посебно откако Епл благодарејќи на неумоливиот перфекционизам во дизајнот, беше на пат да стане најбогатата компанија во историјата. За да се натпреварува со Епл, и производите на Гугл мораа да бидат добро дизајнирани.
Куанг во одбрана на Гугл објаснува дека до средината на 2000-те, компанијата е сконцентрирана на употребливоста, бидејќи сите убаво дизајнирани сервиси во тоа време се многу бавни и имаат лоши перформанси. Гугл постојано се бори за оптимизација се до почетокот на бумот на броудбенд интернетот и побрзите компјутери, кога брзината повеќе не е клучен фактор. Сега луѓето сакаат и убавина.
Откако се враќа како ЦЕО, Пејџ почнува да ги прави првите тимови кои треба да се погрижат за дизајн. Неколку месеци подоцна, пристигнуваат новите дизајни за Меил, Календар, Мапи и пребарување, сите со унифициран стил. Токму оваа унифицираност со тек на време станува носечкиот столб на материјалниот дизајн.
Остатокот од приказната за развивањето на материјалниот дизајн го имате тука