Освен за Украина ова се лоши вести и за Пентагон кој се надеваше дека некоја од компаниите ќе успее да создаде и успешно да тестира модел кој потоа ќе може масовно да го произведува за потребите на американската војска.
„Ова е прва војна во која малите дронови имаат голема улога, а американските компании се уште немаат значително присуство. Дроновите произведени во Америка обично се скапи, имаат проблеми во работа и се тешки за поправка,“ пишува Вол стрит журнал.
Украинците ваквиот дефицит го надополнуваат со поевтини кинески производи, а како што објаснува првиот човек на Скајдио, Адам Брај, „генерално репутацијата на секоја класа американски дронови во Украина е дека тие не функционираат добро како другите системи,“ притоа признавајќи дека и неговиот дрон „не е многу успешна платформа на фронтовските линии.“
Неуспесите доаѓаат и покрај тоа што речиси 300 американски компании за дронови во изминатите 2 години собраа 2,5 милијарди долари капитал за производство и развој на дронови.
Освен блокирањето на ГПС сигналот од руска страна, украинските војници имале проблем и со тоа што дроновите не можеле да полетаат, да ја завршат мисијата, да се вратат назад, да ги минат дистанците што производителот тврди дека можат да ги прелетаат или да носат потежок товар.
Американските производители се вадат дека тие никогаш не очекувале електронско војување во Украина. Во случајот со Скајдио, нивниот дрон е направен во 2019 според комуникациските стандарди на американската армија. Тие се жалат дека САД има рестрикции на делови и тестови за дронови, што ограничува што тие можат да произведат и колку брзо.
Во меѓувреме Украина речиси целосно се потпре на комерцијални дронови од ДЈИ и на домашно производство на дронови кое се базира на кинески делови. Според Вол стрит, украинските фабрики произведуваат стотици илјади мали и евтини дронови кои можат да пренесуваат експлозиви, како и поголеми модели со капацитет за подалечни напади на руска територија.
Освен квалитетот и употребливоста, проблем е и цената на американските дронови бидејќи се проценува дека Украина месечно троши околу 10.000 дронови, кои никако не би можеле да си ги дозволат ако треба да плаќаат скапи американски дронови што чинат десетици илјади долари повеќе од кинеските модели.
Проблем за американските производители е и што не смеат да користат ниту една кинеска компонента, кои инаку значително би го забрзале и поевтиниле производството, како и развојот на дроновите.
Правилата на Пентагон предвидуваат и дека производителите не смеат да го апдејтуваат софтверот на своите дронови без одобрување до владата, што значи дека тие не можат брзо да реагираат на сајбер напади или на електронско војување.