Осврт на тврдоглавото користење факс-машини имаше еден гневен јапонски доктор кој во тирада на Твитер се истури за законското барање болниците „на рака“ да ја пополнуваат целосната документација за новите случаи на ковид-19, па потоа истите да ги испраќаат во центрите за јавно здравје каде од извештаите, исто така рачно, се составуваат статистики за бројот на заболени.
Освен што е смешно факсови во 2020, осудата е дека е и страшно сред ваков некст-левел свет на ултра-брзи комуникации за пандемија да се користи децении стара технологија, која каска зад брзината со која се шири ковид-19.
Во одбрана на болниците, тие ги користат факсовите како најбрз достапен метод, инаку имаат опција рачно напишаните извештаи да ги пратат и по пошта.
Ваквото размрдување на јавноста го усрами тамошниот министер за информациска технологија, по чија интервенција од 10-ти мај ќе биде дозволено испраќање на извештаи за бројот на коронавируси по меил.
„Јапонија е управувана од геронтократија која е многу аналогна во својот начин на размислување.
Тоа е јасно од реакцијата на пандемијата што ја видовме во Јужна Кореја и Тајван, каде реакцијата беше многу побрза и поефикасна. Еден од причините беше што научниците имаа голем инпут во владините одлуки и тие влади се потпираа на ИТ за спречување на епидемијата.
Во Јапонија одговорот беше предводен од стари мажи кои се политичари од кариера и кои ги носат одлуките примарно врз основа на своите политички пресметки оставајќи многу малку простор за науката. Тоа е склеротична влада и бирократија која се потпира на децении стара технологија,“ објаснува директорот на Азиски студии на Темпл Универзитетот, Џеф Кингстон.
Под јапонските правила за вонредна состојба владата не може да им нареди на компаниите да стават клуч, но може да им препорача. Препораката не беше претерано прифатена, бидејќи компаниите не се подготвени да се префрлат на работење од дома преку интернет „заради страв за безбедност на податоци и намалување на продуктивноста на вработените и квалитетот на услугата на потрошувачите“.
Болниците не се ни приближно некаков исклучок во земјата, каде според статистиките речиси секоја канцеларија поседува факс, како и секое трето домаќинство.