Избегнат судар во сообраќајниот метеж во орбитата

Ниската орбита околу Земјата се преполни со сателити, како улица со коли во сообраќаен шпиц.  Откако приватниците се вклучија во вселенскиот бизнис, лансираат роеви од илјадници сателити со координација која е далеку од совршена. Пред неколку дена бил избегнат судар што можел да предизвика верижна реакција во која ќе настрадаат сите сателити.

Сателит од мрежата Старлинк на Спејс Икс неодамна со маневар во последен момент избегнал удар на новолансиран кинески сателит. Според компанијата на Илон Маск, моторите биле активирани кога сателитите се приближиле на само 200 метри еден од друг, на височина од 563 километри.

Главниот ризик од операциите во вселената доаѓа од лошата координација на операторите. Кога не разменуваат орбитални податоци за своите сателити, можни се опасни приближувања, забележа Мајкл Николс.

Кинескиот повеќенаменски сателит бил еден од шесте лансирани во орбита на 9 декември со ракетата Кинетика 1 од Вселенскиот центар во пустината Гоби. Компанијата КАС спејс тврди дека ги почитувала процедурите од копнениот систем за избегнување судири во вселената.

Но, бројот на сателити толку многу се зголемува, што прашање на време е кога ќе се случи инцидент. Само Спејс Икс денес управува со 9.300 и постојано лансира нови, за да ја одржи мрежата поради релативно краткиот оперативен век на Старлинк од околу 5 години. Астрономот Џонатан Мекдауел од Харвард проценува дека секој ден во атмосферата согоруваат по еден или два дотраени сателити од Старлинк.

Според Европската вселенска агенција, во моментов има околу 13.000 оперативни сателити во орбитата, плус илјадници неактивни или оштетени. Се следат и околу 54.000 парчиња вселенски отпад поголеми од десет сантиметри, а се проценува дека има уште десетици милиони поситни, кои се постојана кинетичка закана за оштетување на активната инфраструктура.

Експерти предупредуваат дека судир на два големи објекти би распрснал големи парчиња што ќе предизвикаат верижна реакција позната како Кеслеров синдром, која може да уништи многу сателити и  да го загрози долгорочно користењето на орбитата.

17 декември 2025 - 16:13