
По речиси шестгодишна истрага и правна битка Федералната трговска комисија денеска го отвора антимонополскиот судски процес против Мета, кој може да има фатални последици за компанијата од 1.400 милијарди долари на Марк Закерберг.
Комисијата во следните два месеца ќе настојува да докаже дека Мета го искористила купувањето на Инстаграм и Ватсап за да создаде монопол на социјалните медиуми. Толку голем процес против прекумерна корпоративна моќ немало 40 години, од распаѓањето на телефонскиот монопол AT&T.
Двете апликации ѝ ги носат главните приходи на Мета и се критични платформи за дистрибуција на асистентот за вештачка интелигенција, што Закерберг го смета за следната голема технолошка битка. Одвојувањето на двете апликации е и технички тешко, бидејќи се испреплетени со пошироката инфраструктура на компанијата.
Пред судењето, Мета направи напори да се смири со администрацијата на Доналд Трамп. Закерберг беше присутен меѓу технолошките „тешкаши“ на инаугурацијата на Трамп. Набргу потоа, Мета плати 25 милиони долари за да ја затвори тужбата од претседателот поради забраната на неговиот профил. Закерберг во изминатите недели лично лобираше Трамп да се откаже од тужбата на Комисијата.
Доказите на судењето ќе покажат што знае секој 17-годишник во светот: Инстаграм, Фејсбук и Вoтсап се натпреваруваат со ТикТок, Јутјуб, Икс и многу други во кинеска сопственост. Комисијата треба да ги поддржува американските иновации, наместо да растури голема американска компанија и да ѝ даде предност на Кина за критична технологија како што е вештачката интелигенција, изјави портпаролот на Мета, Кристофер Сгро.
Мета сега заработува повеќе од 10 милијарди долари годишно од рекламите на Фејсбук и Инстаграм.
Кога Фејсбук плати милијарда долари за Инстаграм, апликацијата за споделување фотографии имаше само 30 милиони корисници и беше без приход. Денес Инстаграм има милијарди корисници и се проценува дека носи повеќе од половина од приходите на Мета во САД од рекламите оваа година.
Вотсап имаше 450 милиони корисници кога Фејсбук плати 19,3 милијарди долари (најголемата стартап аквизиција досега) за да ја купи во 2014 година.
На судскиот процес ќе бидат сослушани Закерберг, сите сегашни и поранешни директори на Мета, на Инстаграм и на Вoтсап, како и претставници на конкурентски фирми, како Снеп, ТикТок и Пинтерест.