Џамлиите се на мобилен

Со очекуван приход од 500 милиони долари оваа година, мобилната телефонија станува најбрзо растечки сегмент на друштвените игри.

Лани на игрици на мобилен биле потрошени 350 милиони долари. А игрците се главно бесплатни. Парите доаѓаат од купувањето виртуелни тракатанци поврзани со самата игра (ја играш Trade nations и имаш два бесплатни бунара, третиот се плаќа а ти некако посакуваш баш него да го имаш во селото).

Игриците доаѓаат од светот на социјалните мрежи (читај: Фесјбук) каде по таа основа се остварува сериозен приход од 2,9 милијарди долари.

Бројот на Фејсбук корисници кои се запознати со можноста да купуваат кредити (виртуелната валута на ФБ) е ист како лани - 63 проценти, но тоа не е лош показател бидејќи вкупната големина на стадото е сè поголема.

Истражување покажало дека сепак се работи за две различни публики - оние кои се заразуваат со ФБ игри се нешто постари и меѓу нив има повеќе жени.

Следен чекор веројатно е уфрлувањето на социјалните игрици во самите веб сајтови. Таков потег направи Zynga.com, сајт на кој можеш да бидеш поврзан со твоите ФБ пријатели и надвор од самата ФБ мрежа.

20 март 2012 - 16:28