2020, годината кога снема графички картички

На општо изненадување голем дел од тие што седеа дома во 2020 имаа што да прават и без сите совети за олеснување на наметнатиот домашен притвор (градинарство, фитнес, учење...) - играа игрици, а за игрици треба графички картички.

Во 2020 паднаа сите рекорди на најголемата платформа за видео игри, Стим, а годината ја заврши со 21% повеќе купени игри од кога и да е, и 50% повеќе часови играње. Паралелно со ова, гејмерите цела година се во очајна потрага по посилни и понови графички картички, во секое време спремни да ги платат и рекордно надуените цени.

Прво треба да имаме предвид дека не разговараме за луѓе што играат Кенди краш или копаат Фарма на мобилен / Фејсбук, туку луѓе кои вложиле еден половен Голф 6-ка во својот компјутер, само за сè да им оди без сецки и како подмачкано а притоа да имаат висок квалитет на слика.

Токму овој еквилибриум меѓу немање сецки и висок квалитет на слика се постигнува со моќни но во исто време и скапи графички картички. Кога се во прашање нови графички картички (пример Нвидиа серија 3000) подобрување на перформанси во однос на претходната генерација знае да биде некаде меѓу 50 и 90 проценти.

За малку подобра претстава, новата 3080 графичка на Нвидиа се продава за некаде околу 730 евра, а уште посилната 3090 достигнува 1.580 евра.

Освен гејмерите, сериозно навлечена на моќни графички картички е и целата индустрија на биткоин и криптовалути копање, која годинава исто така бележи револуција во однос на вредноста што ја достигнува и заинтересираноста на јавност.

Во вака совршено составен хаос, двата најголеми производители на графички картички, Нвидиа и АМД, не можат да постигнат да произведат ни приближно доволно картички за да ги исполнат нарачките, а да не збориме за некакво правење залиха.

Двете компании целосниот свој капацитет го имаат посветено на графичките, плус го зголемуваат производството, и повторно не можат да постигнат. Најавите на АМД се дека немаштијата ќе продолжи барем до крајот на првата половина од 2021.

Проблемот е дополнително искомплициран што голем број од набавките се прави со автоматизирани ботови, кои ги купуваат картичките за истите да бидат препродавани по сериозно надуени цени на Ибеј и слични сервиси.

 

29 јануари 2021 - 10:40