1984 на Орвел ќе се случи во 2024?

Живот каков што Орвел опишува во 1984 не чека во 2024 доколку владите не ја заштитат јавноста од вештачката интелигенција, е предупредувањето што доаѓа од претседателот на Микрософт, Бред Смит.

Тоа што најмногу го паничи Смит е предноста што Кина ја има во вештачката интелигенција, па зборувајќи за начинот на кој Кина ја користи вештачката интелигенција за да ги мониторира своите граѓани, Смит објаснува дека ќе биде тешко да се стигне технологијата која рапидно напредува.

„Постојано се потсетувам на лекцијата од 1984 на Орвел. Ја знаете приказната... за влада која постојано може да види сè што некој направил и да чуе сè што некој кажал.

Ок, тоа не се случи во 1984, ама ако не сме внимателни ќе се случи во 2024,“ објаснил Смит во интервју за БиБиСи.

Фокусот на Кина е затоа што таа отворено користи системи за масовно следење на граѓаните во секојдневниот живот и систем за социјално рангирање на своите граѓани. 54% од глобалните 770 милиони камери за надзор се во Кина.

Кина има и амбиција да стане лидер во вештачка интелигенција до 2030. Нејзините капацитети во ова поле се далеку над оние на ЕУ, а во 2019, Кина ги надмина САД по бројот на патенти што нејзините академски институции ги имаа за иновации на технологии за вештачка интелигенција.

И поранешниот прв човек на Гугл, а сега претседател на американската Комисија за вештачка интелигенција, предупредува дека императив треба да биде победа над Кина во вештачката интелигенција.

„Ние сме сред гео-политички стратешки конфликт со Кина. Единствен начин да се победи е да се соберат нашите ресурси и да се имаат национални и глобални стратегии за демократиите да победат во вештачката интелигенција.

Ако не го направиме тоа ни претстои иднина во која други вредности ќе бидат наметнати врз нас,“ порача Шмит.

Кинескиот став е дека САД ја чувствуваат како закана кинеската предност во развивањето на технологијата и „сакаат да започнат Студена војна за технологијата“, меѓутоа „кинеската визија за светот не е спојување туку ко-егзистенција“ и дека „Кина не е заинтересирана за извезување на своите вредности.“

28 мај 2021 - 11:27