Зулендер теоријата за тероризмот

Наративот на филмот е дека некој му го испрал мозокот на имбецилниот машки манекен, по што тој треба да изврши меѓународен акт на тероризам. Истата логика околу перењето мозок на Зулендер денес е водечка поента во некои од посензационалните репортажи за тоа како ИД ги регрутира своите членови.

Така трите девојки од источен Лондон кои во февруари му се приклучија на "Калифатот" во Сирија, "беа обични тинејџерки со вообичаен тинејџерски ентузијазам - се додека премиерот Дејвид Камерон не изјави дека нивниот 'мозок бил отруен од овој ужасен култ на смртта.'"

Приказната за тинејџерките слично ја конструира и Дејли Меил. Во еден текст пишуваат дека биле "немилосрдно тимарени на интернет," и "мозокот им бил испран во нивните спални соби," дополнувајќи дека девојките биле активни Твитер корисници кои следеле голем број про-ИД Твитер сметки.

На слично алиби се повикуваат и родителите на 20-годишниот симпатизер на ИД Акса Махмуд од Шкотска, а и медиумите слично ја пренесоа веста.

Во овие рамки се движи и работата на Мухамед бин Наиф Центарот за советување и грижа во Саудиска Арабија (една од најпознатите анти-терористички иницијативи во светот) кои се обидуваат да ги "де-радикализираат" џихадистите преку различни програми за религиозно ре-образование.

"Активностите (на центарот) го отсликуваат гледиштето дека џихадистите некако се доведени во заблуда околу автентичната природа на Исламот и неговите религиозни обврски, и дека овие изгубени души мора да се вратат на вистинскиот пат," пишува Симон Коти за Атлантик, кој пренесува неколку студии кои покажуваат дека вработените на центарот ги сметаат нивните штитеници се малку прости и ја немаат сфатено вистинската цел на Исламот.

Забелешката на Коти е дека реториката околу терористите е копирана од политиката против сектите и култовите во САД од 70-те, кога членовите на култовите "се лечат од перењето мозок." Според авторот Дејвид Бромли анти-култ групите ги сметаат членовите на култовите за наивно невини "кои подлегнале на надмоќните субверзивни техники." Овие активисти веруваат дека преку депорграмирање би можеле да ги ослободат членовите на култовите од менталните поробување и да ги конвертираат во нормални.

"Идејата дека на терористите им бил испран мозокот наводно служи како објективно и последично објаснување: Икс стана терорист заради лошото влијание на Ипсилон. Ама не е само тоа. Тоа исто така служи и како уред за делегитимизирање бидејќи содржи и непогрешива и арогантна импликација дека приклучувањето кон терористичка група (или група опишана како таква) не е свесна одлука базирана на разум, туку е појава создадена од други, процес кој се случува без знаење на човекот кој е подложен на ова. Терористите, со други зборови, се наивни, будали, инструменти на нечија туѓа волја и зли намери.

Ова идеја го промовира и смирувачкиот мит дека корените на тероризмот не се никако поврзани со одреден морален поредок. Им дозволува на луѓето да веруваат дека не е до нивните свети текстови, свети институции, света култура, или најдлабоки аспирации и вредности кои создаваат терористи, туку зли туѓинци кои ги окупираат сенките и ги искористуваат ранливите и простите," пишува Коти кој потсетува на повеќе студии на темата кои покажуваат дека терористите ниту се луди, ниту се глупи, туку се приклучуваат затоа што мислат дека тоа што го прават е правилно и неопходно.

Коти завршува со тоа дека тероризмот пред се е морален, а не интелектуален неуспех "прекршување на регуларната човечност и светост на целиот човечки живот. Терористичките групи вложуваат многу енергија во идеолошко оправдување на нивниот криминал, прикажувајќи се себеси како бранители на доброто."

13 мај 2015 - 15:02