Италијанска жртва на ковид вакцини дочека судска правда

Италијанка што добила воспаление на ‘рбетниот столб откако примила вакцини против ковид ќе добива отштета. Врз основа на сведочење на независни експерти, суд пресуди дека тешкото невролошко оштетување „не може да биде случајност, ниту може да се објасни со претходно автоимуно заболување“. Во Италија имало 593 случаи на трансверзален миелитис по вакцинација.

Пресудата на судот во италијанскиот град Асти е првата во која е утврдена причинско-последична врска помеѓу вакцинацијата против ковид и трансверзален миелитис, сериозна болест поради која 52-годишната жена повеќе не можела самостојно да оди. Состојбата кај жената се развила две недели откако ја примила втората доза од вакцината на Фајзер против коронавирусот.

Во административната фаза од нејзината жалба, Министерството за здравство ги отфрлило доказите за врската помеѓу задолжителната вакцинација и болеста. Судиите во Асти го прифатиле ставот на техничките консултанти кои по прегледот на пациентката и проучувањето на научната литература, заклучиле во корист на оштетената страна. Наредиле државата да ѝ исплаќа отштета од по 3.000 евра месечно.

Тешкото невролошко оштетување што се случи една недела по примањето на втората доза од вакцината против ковид не може да биде случајност, заклучиле техничките консултанти.

Медицинската историја покажала дека „немало претходни невролошки настани или значајни терапевтски промени пред вакцинацијата“, поради што била отфрлена хипотезата за „непозната претходно постоечка причина“. Според консултантите, жената била само теоретски изложена на зголемен ризик од абнормална реакција на разни надворешни фактори и агенси.

Тешките клинички манифестации што се појавиле кратко време по втората администрација на серумот не можат да се отфрлат како „обична случајност“. Хипертензијата и пушењето се исклучени како алтернативни причини, бидејќи овие состојби не се познати како директни причинители на миелитис или акутна полиневропатија, заклучиле експертите.

Во пресудата се посочува на базата на податоци од Италијанската медицинска агенција (АИФА), во која се наведени 593 случаи на трансверзален миелитис регистрирани по вакцинацијата до 2022 година. Од нив 280 биле поврзани со mRNA вакцини.

Идентификувани се изолирани случаи, „во кои вакцините со деактивиран вирус и вакцините базирани на mRNA предизвикале акутни синдроми на демиелинизација на 'рбетниот мозок, како што се мултиплекс склероза и невромиелитис оптика. Комитетот ги разгледал достапните информации за случаите пријавени на глобално ниво и, врз основа на научната литература заклучил дека причинско-последичната врска помеѓу вакцините и трансверзалниот миелитис е барем разумно можна, истакна адвокатот Стефано Бертоне, кој ја застапувал жената.

Бертоне додава дека застапува и други клиенти со слични жалби. Пресуди сè уште нема поради бирократските процеси и техничките доцнења. 

3 ноември 2025 - 12:46