Заврши окупацијата на запуштениот имот на Македонија во Цирих

Запуштената зграда во Цирих во сопственост на Република Македонија и во која треба да биде сместен конзулат, десетина дена била окупирана од група левичарски активисти. Се вселиле нелегално затоа што објектот со години бил напуштен. Полицијата во четвртокот ја пронашла куќата празна, со многу ѓубре оставено од дивовселените. Зградата уште чека некој да ја реновира.

Објектот на адреса Ајдамштрасе 33 во циришката населба Хотинген порано бил Генерален конзулат на Југославија. Со распределбата на имотот на поранешната СФРЈ, ѝ припадна на Македонија. Но, куќата останала во иста состојба.

Скршените поштенски сандачиња, оштетената влезна врата и расфрланиот отпад укажувале на тоа дека зградата е запоставена долго време. Откако забележале дека никој не се грижи за објектот и дворот, група левичарски активисти за станбени права пред десетина дена решиле да се вселат. На железната порта закачиле порака дека имаат намера да живеат во куќата и дека се „отворени за контакт и добра соработка“.

Станбениот простор станува дефицитарен, а нашите градови се подложени на гентрификација, напишале активистите.

Сепак, станува збор за имот на странска држава кој, како поранешен конзулат, ужива заштита според меѓународното право. Сојузниот оддел за надворешни работи (FDFA) потврдил дека за заземањето на објектот била известена и Амбасадата на Македонија.

Реагирал Прпарим Авдили, градски советник од партијата ФДП.

Окупаторите на просторот едноставно ја искористуваат околноста што градските власти им дозволуваат да поминат неказнето. Апсурдно е да се води станбена политика преку незаконско вселување во туѓи објекти. Токму поради тоа што зградата е во сопственост на странска држава, градот треба веднаш да реагира. Окупаторите предизвикуваат дипломатски спор, а тоа никој не го сака, изјавил Авдили за весникот „20 Minuten“.

Според портпаролот на полицијата во Цирих, при рутинска проверка во четвртокот претпладне, имотот бил затекнат празен. Немало официјална операција за присилно иселување. Сега на железната порта стои нов натпис: „Дипломатски имот. Стоп. Строго забранет неовластен пристап.“

Сосетка што живее спроти зградата им раскажала на репортерите на Neue Zürcher Zeitung дека луѓето што нелегално се вселиле не правеле проблеми.

Во неделата многу луѓе доаѓаа и си одеа. Но, немаше бучава. Во куќата никогаш немаше проблеми, изјавила жената.

Таа додаде дека во четвртокот претпладнето полицијата пристигнала пред зградата и го оградила влезот. Подоцна компанија за недвижности почнала со расчистување на куќата, направила поправки и го обезбедила влезот. До попладнето, на тротоарот пред запуштената зграда можеле да се видат неколку големи вреќи за отпад од 110 литри.

На горните катови имаше многу лименки од пиво, изјавил човек од компанијата за недвижности.

На локацијата во четвртокот биле присутни и претставници од Амбасадата на Македонија, но одбиле да разговараат со новинарите на NZZ.

Сепак, еден од нив му кажал на велосипедист дека куќата се реновира.

- Овде отвораме конзулат.
- За која земја?
- За Македонија.
- А, многу убаво, одговорил велосипедистот.

Сојузниот оддел за надворешни работи (FDFA) претходно потврди дека Македонија планира да отвори конзуларна канцеларија во тој објект. Интерес за такво нешто постоел уште од 2022 година.

За дипломатските претставништва важат посебни прописи. Просториите на амбасадите и конзулатите на странски држави се неповредливи. Тоа значи дека властите во земјата-домаќин можат да влезат во нив само со изречна согласност од шефот на претставништвото. Сепак, според FDFA, оваа заштита за конзуларните простории важи само доколку тие навистина се користат за конзуларни цели: во тој поглед статусот на сопственост е ирелевантен.

8 август 2026 - 10:14