Затајување ДДВ од олимписки пропорции

Со парите од данокот што ќе ги изгубат од 2008-ма и 2014-та, Лондон слободно би можел да организира уште една Олимпијада идентична на онаа од летоска.

Годишно Британија губи по 1,6 милијарди фунти од данок на дигитални производи кои Британците ги купиле од компании со седиште во странство (како Амазон). Во периодот од 2008-ма до 2014-та, тоа би требало да изнесува 10 милијарди фунти.

Меѓу главните виновници за ова се мултинационалните компании како Амазон, Гугл, Старбакс и слични, кои ги користат дупките во законите за да го избегнат плаќањето даноци на стоки што ги продале во Британија.

Според правилата за ДДВ на ЕУ, дигиталните производи за приватни корисници - електронски книги, емпетројки и онлајн апликации - се сметаат за услуги а не за производи. ДДВ-то на електронските услуги се наплаќа по стапка на земјата во која е седиштето на компанијата. Па така, на пример Амазон чија европска централа е во Луксембург, за електронски книги плаќа ДДВ од 3%, споредено со ДДВ-то од 20% во Британија.

Последната пресметка за Олимпијадата беше дека Лондон 2012-та чини 9 милијарди фунти.

4 декември 2012 - 10:35