Запознајте се со кандидатките за ЕУ: Молдавија

Со оглед на тоа кој доби зелено светло од ЕУ (Украина, Молдавија) а кој не (Македонија, Албанија) јасно е дека Унијата не се пали толку ако некој ја сака, колку што се пали по држави кај што има луѓе кои се палат на Русија. Реформи - меформи? Дајте не се шалете.  

ИСТОРИЈА

Историјата на Молдавија може да се следи уште од 1350 година како регион од кој ќе настанат две држави - Романија и Молдавија. Од 1538 до 19-от век е во вазален однос со Отоманската имерија. По една од неколкуте руско-турски војни, во 1812 година, нејзиниот источен дел, Бесарабија, е приклучен кон руската империја. 106 години подоцна, Бесарабија станува независна за да се спои со Романија. Молдавија прогласува независност во 1991 година, со распаѓањето на СССР.

Под обвиние за мито, на 24 мај оваа година уапсен е поранешниот претседател на Молдавија, Игор Додон, лидер на главната про-руска опозиција во земјата. Земјата е особено поларизирана по руско-украинската војна.

Уште од независноста во 1991 година, животот во Молдавија го обележуваат сиромаштијата, политичкиот хаос и корупцијата пуштена на најјако. Земјата политички и идеолошки е поделена на оние кои се за поврзување со ЕУ, меѓу нив и оние кои се за спојување со Романија од една, и оние кои се за поблиски врски со Русија, од друга страна.

ПОПУЛАЦИЈА:

„Од Црното па до Јадранското море, проблемот со намалувањето на популацијата е драма. Но, во Молдавија тоа е траума“, пишува Балкан Инсајт.

Од 1989 година, населението на оваа држава е намалено за речиси една третина а за 15 години, Молдавија ќе биде половина од она што некогаш била.

Според проценките, таа располога со 2,6 милиони луѓе, без оние во бунтовниот регион Транснистрија кои ги има нешто меѓу 300.000 и 500.000 луѓе.

Во Молдавија живеат Молдавци, Романци, Руси, Украинци, Гагаузи, Бугари и Роми. 96,8% од луѓето се од православна исповед.

ТЕРИТОРИЈАЛЕН ИНТЕГРИТЕТ

Државата со децении нема контрола врз Транснистрија, одметнатиот регион кој уште во 1990 година прогласува независност од Молдавија. Спорниот дел изнесува околу 11% од територијата на Молдавија, долж источната граница. Живеат Молдавци, Руси и Украинци, над половина имаат руски пасоши. За Транснистрија се имаат водено и војни а сега се смета за еден од најдолгите замрзнати конфликти на територијата на Европа.

СИРОМАШТИЈА:

Молдавија е една од најсиромашните држави на европскиот континент. Речиси 10% луѓе живеат во услови на апсолутна сиромаштија. Земјата нема минато низ масовна индустријализација, а немањето квалитетна образовна инфраструктура оневозможува бајпасирање на тој недостаток. Тоа што специјализирало нешто, ја напушта земјата. Главно е рурална со непродуктивно земјоделство заради малите површини на имотите и нискиот принос. Особен проблем е детската сиромаштија.

24 јуни 2022 - 09:39